УЈП избрана во Извршниот одбор на IOTA, признание за експертизата на институцијата на европско ниво

Управата за јавни приходи на 29. Годишно собрание на Интра-европската организација на даночни администрации (IOTA), што се одржа во Баку доби место во Извршниот совет на оваа престижна меѓународна организација.
– Ова признание претставува значаен успех за Управата и потврда за долгорочната, професионална и посветена вклученост во иницијативите на IOTA, каде што УЈП е активен член од 1997 година. Изборот во Извршниот совет не само што ја признава експертизата и резултатите на организацијата, туку истовремено претставува и обврска за натамошна проактивност во поставувањето на стратешки насоки, како и во решавањето на актуелните предизвици во областа на даночната политика и администрација на европско ниво, информираа денеска од УЈП.
Управата за јавни приходи доби и специјално признание за активниот придонес на своите претставници во рамки на IOTA Форумот за управување со даночни долгови. Признанието било доделено од страна на извршниот секретар на IOTA, Alix Perrignon de Troyes.
Од УЈП информираа дека делегацијата на УЈП предводена од директорката Елена Петрова остварила билатерални средби со високи претставници на европски даночни администрации.
– Особено значајна беше средбата со г. Orkhan Nazarli, директор на Државниот даночен сервис на Азербејџан и досегашен претседател на IOTA, кој изрази подготвеност за воспоставување директна билатерална соработка меѓу двете институции. Овие признанија не претставуваат само институционален успех за УЈП, туку и значаен придонес за меѓународната видливост и позиционирање на Република Северна Македонија како земја со модерна, реформски ориентирана и транспарентна даночна администрација, стои во соопштението од УЈП.