УЈП бара фискални сметки и на „Пастрмајлијадата“


Управата за јавни приходи-регионална дирекција Штип ги повикува угостителите, односно правните лица, кои ќе имаат штандови на претстојната манифестација „Пастрамајлијада“ на 20 и 21 септември да си обезбедат мобилни фискални каси.

Маре Данкова, виш даночен изврштел во УЈП-Штип денеска изјави дека угостителите треба да имаат и налепници, а граѓаните да бараат фискални сметки за да се евидентира прометот.

-Додека, пак, физичките лица, кои извршуваат дејност од времен карактер, како што се продавачите на пуканки, палачинки, семки, било што кои би нудиле производи, дали на „Пастрамајлијада“, дали овде на Градскиот плоштад, било каде на отворено, тие имаат обврска до Управата за јавни приходи да достават барање за паушално плаќање на данокот на личен доход, од времен карактер. Ова барање имаат обврска да го достават пред одржување на настанот, вели Данкова.

Посочи дека и правните и физичките лица треба да го почитуваат Законот, а се со цел да не се соочат со казни, бидејќи казните за физичките лица изнесуваат од 50 до 250 евра, додека за правните лица кои нема да издаваат фискални сметки на граѓаните се од 300 до 10.000 евра, во денарска противвредност. Висината на казната  зависи од големината на правниот субјект. На терен ќе бидат инспекциските служби.