Угинати риби на велешкото езеро „Младост“ од големата загаденост


Рекреативци, кои во текот на вчерашниот ден, во претпладневните часови, биле на пешачката патека од источната страна на езеро „Младост“  и забележале угинат поголем крап и количина на помали риби во бизина на брегот.

-Станува збор за поголемо парче на крап и јато од помали риби кои плутаа на површината на водата. Ги фотографиравме и ви ги испраќаме за да ги објавите. Ние сме големи почитувачи на природата на езерото кое максимално го користевме до минатата година и не можеме да се помириме со глетката што ја гледаме, рекоа овие Велешани.

На нивната фотографија видливо со голо око е парчето крап кое плута на езерската површина. Институциите немаат информации за угината риба. Дума.мк го прашаше директорот на Јавното водостопанско претпријатие „Лисиче“, Ване Маневски и дали се пристигнати 10 милиони денари од министерствата за заштита на животна средина и просторно планирање како и од земјоделство, шумарство и водостопанство за санација на состојбата со загадувањето на езеро „Младост“ и кога ќе почнат со интервенциите на собирање на пифтиестата кафеава материја од езерската површина како и со изведувањето на бушотините во Отовичка и Рудничка река.

-Ги очекуваме финансиските средства во секој момент, знаете дека тие се неопходни за почетокот на изведување на планираните активности. Штом стигне приливот веднаш ќе излеземе на терен и ќе почнеме да работиме, рече Маневски.

Од ЈКП „Дервен соопштија дека не се надлежни.

Угинувањето на рибата во езерото се должи на недостаток на кислород во презагадената вода, велат експертите. Според последните резултати од анализите на Центар за јавно здравје состојбата со квалитетот на водата летово е во уште полоша и позагрижувачка состојба од минатото. Според нивните препораки мора да се испита дали во неа постојат и во колкава количина цијанотоксини, поточно токсични материи. (ДУМА)