УЕФА потврди неформални разговори со Суперлигата

УЕФА објави денеска дека одржала неформални разговори со компанијата „А22 Спортс Менаџмент“, која стои зад плановите за оживување на европската Суперлига, но нагласи дека не се разгледуваат какви и да е промени во форматот на нејзиното елитно клупско натпреварување, Лигата на шампиони.
„Можеме да потврдиме дека генералниот секретар на УЕФА, Теодор Теодоридис, неколку пати јавно се сретнал со коосновачот на „А22 Спортс Менаџмент“, Анас Лаграри. Од овие разговори не произлезе каков и да е официјален исход“, соопшти УЕФА, додавајќи: „Категорично потврдуваме дека нема планови за промена на форматот на Лигата на шампиони на УЕФА“.
Медиумските извештаи претходно во четвртокот наведоа дека „А22“ почнала разговори со претставници на УЕФА за можна рамка за новото натпреварување. Извештаите велат дека „А22“ го промовира својот концепт „Јунифај лига“, со 96 клубови во распоредени во четири дивизии со промоција и испаѓање, и се надева дека ќе обезбеди одобрение од УЕФА за проектот.
Извештаите сугерираат дека извршниот директор на А22, Бернд Рајхарт, и коосновачот Анас Лаграри, се обиделе да го претстават предлогот како комплементарен на домашните лиги, а не како директен конкурент на натпреварувањата на УЕФА. Сепак, фудбалските тела и националните лиги постојано се спротивставуваат на идејата, предупредувајќи дека тоа би можело да ја поткопа европската фудбалска пирамида.
Оригиналниот проект на Суперлигата пропадна во 2021 година по реакцијата од навивачите, владите и пошироката фудбалска заедница. Дванаесет големи клубови првично аплицираа за одвоено натпреварување, кое требаше да им гарантира трајно членство, но девет брзо се повлекоа. Зад проектот, официјално, останаа само Реал Мадрид, Барселона и Јувентус.