Училиште од Ѓорче Петров доби техничка опрема преку која ќе учат за важноста на животната средина


Градоначалникот на Ѓорче Петров денеска заедно со преставниците од GLOBE го потпишаа Договорот за трајно користење на опремата за спроведување на GLOBE Програмата, светски проект според кој учениците учат за важноста на животната средина преку секојдневни мерења и набљудувања.

-ООУ „Мирче Ацев“ е едно од 27 – те основни и средни училишта во државата што добиваат техничка опрема на трајно користење без надомест, а на ваков начин остваруваме една важна и благородна мисија во две области од клучно значење за нашата иднина – заштита на животната средина и едукација на учениците како да ја зачуваат и да обезбедат квалитетен живот, рече денеска првиот човек на општината.

Програмата предвидува редовни и континуирани мерења и набљудувања на учениците во непосредна близина на училиштето под водство на нивните наставници кои претходно беа обучени за спроведување на Програмата.

Важноста на програмата GLOBE во наставните програми кај децата е голема и ќе овозможи постигнување нови успеси и меѓународно признати резултати, порачаа од локалната самоуправа.

-Горд сум што општината Ѓорче Петров е дел од ваквите проекти каде децата ќе можат да се едуцираат во однос на зачувувањето на животната средина, којашто е еден од главните фактори за здрав живот и здраво општество, додаде градоначалникот Стојкоски.