Училишна библиотека во Неготино ќе добие 35 книги по јавниот повик на „Матица македонска“ за пријавување за донација


Донацијата од 35 книги на „Матица македонска“ ќе им биде достапна на околу 500 средношколци од СОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Неготино. Како што соопшти издавачката куќа, речиси 90 библиотеки се пријавиле на нејзиниот јавен повик „Каде недостигаат книги за Македонија?“, објавен во рамките на програмата „Зад датумот: Овој Илинден, Македонија се чита“, а и по повод 35 години самостојна Македонија и од основањето на издавачката куќа.

По разгледувањето на пристигнатите пријави, донесена е одлука донацијата од 35 книги да ѝ биде доделена на училишната библиотека на неготинското средно училиште. 

-Избраната училишна библиотека ја користат околу 500 ученици на возраст од 15 до 19 години, како и наставниот кадар на училиштето. Во пријавата е посочено дека дел од постојниот книжен фонд е застарен, а голем број книги се оштетени од долгогодишна употреба. И покрај континуираните заложби за набавување нови изданија, особено на училишните лектири, библиотеката има потреба од понова литература што ќе биде поблиска до интересите на младите и ќе создава дополнителен поттик за читање. Како особено потребни се издвоени македонската книжевност за младите читатели, книги за македонската историја, јазик и фолклор, содржински и визуелно привлечни за средношколската возраст, како и нови изданија на училишни лектири. Токму можноста книгите да стигнат до голем број млади читатели беше меѓу значајните причини донацијата овојпат да биде насочена кон библиотеката на СОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Неготино, информира „Матица македонска“. 

Посочува и дека големиот одѕив од близу 90 библиотеки кои се пријавиле на јавниот повик потврдил дека е неопходно книжните фондови во многу средини  постојано да се обновуваат и збогатуваат со нови и релевантни изданија. 

-Толку големиот интерес укажува и на поширока потреба: во многу библиотеки недостигаат нови книги, а зад секоја од нив стојат читатели до кои тие треба да стигнат. Затоа, за „Матица македонска“, сите пристигнати пријави претставуваат драгоцено сведоштво за состојбите и потребите на библиотечните средини, соопшти издавачката куќа.