Учениците од гимназијата „Орце Николов“ во Драмски ја гледаа претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“


 

Синоќешната 36та изведба на претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска, се играше во вонреден термин на иницијатива на учениците од гимназијата „Орце Николов“ од Скопје.

 Актерите ја имаа честа да играат пред преполна сала на ученици кои во еден здив ја следеа претставата и по изведбата останаа заедно со своите класни раководители и  училишниот психолог Ана Попризова да ги споделат своите импресии со режисерката Зоја Бузалковска, драматургот Александра Бошковска и актерите Дамјан Цветановски, Александар Степанулески, Емилија Мицевска, Трајанка Илиева Вељиќ – Таци, Соња Стамболџиоска, Филип Трајковиќ, Златко Митрески, Јасмина Василева и Нела Павловска.

„На некои од клучните места учениците реагираа токму онака како што секој режисер, актерски и креативен тим би посакал“- изјави режисерката Бузалковска и додава: „Восхитени сме од зрелоста на младите луѓе, кои толку точно „прочитале“ многу од намерите кои ги имавме додека работевме на оваа претстава. Нивната анализа, моќ за забележување, потреба да се искаже своето мислење и способност да се излезе од рамките на очигледното и да се дофатат и најскриените поенти на она што имаа можност да го видат, нè направи навистина среќни и е поттик да продолжиме со оваа практика и понатаму“.

Романот на  Марк Хадсон „Чудна случка со кучето во ноќта“ е лектирно издание за учениците во нашата земја. Претставата е авторска адаптација на Сајмон Стивенс направена според мотивите од романот на Марк Хадон.

Во режисерската белешка за претставата се посочува дека „Чудна случка со кучето во ноќта“ е приказна за Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифицирано нарушување од аутистичен спектар, иако неговата состојба никогаш не е експлицитно изречена во драмата. Светот на Кристофер е свет на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Оваа претстава, направена во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, на најдиректен начин им се спротивставува на предрасудите и стереотипите. Зашто, драмата отвора навистина многу прашања: „што е нормално, а што не“; каков е дијалогот на „заостанатиот во развојот“ со „напредниот“; зошто треба да се сожалува или да се успорува еден брилијантен ум, кој совршено добро се снаоѓа во лавиринтите на математиката и на физиката; каква е перцепцијата на другиот од позиција на моќ и можните жртви на таквата перцепција и сл. Но, ова е и претстава во која сериозно се ставени на испит прашањата за фамилијата, семејството, довербата и изневерените очекувања. Фантастична и крајно луцидна приказна на односи преку толку специфичниот свет на Кристофер Бун, во кој не постојат лаги и нема концепт за толеранција на неискреноста. Постои само вистина и затоа е тој свет толку посебен и нежен“.

Од Драмски театар информираат дека вакви организирани посети на гледање претстави со простор за средба, поставување на прашања и споделување на размисла помеѓу учениците и актерите ќе продолжат да организираат и во иднина и ги покануваат и охрабруваат младите луѓе да ги посетуваат институциите од културата и иницираат  свои идеи за соработки и проекти преку нивните училишта.