Учениците евакуирани, „тимс“ не функционира, МОН не знае зошто


Откако секојдневно почнаа да стигнуваат дојави за бомби, па по повеќе од 30 училишта дневно се евакуираат, најмногу во Скопје, Министерството за образование излезе со препорака учениците да продолжат да следат настава од дома, односно преку платформата „тимс“. 

Дел од училиштата, особено средните, ја користеа оваа пракса уште пред МОН да препорача, но откако зачестија дојавите за бомби во основните училишта, повеќе родители, ученици и наставници се жалат дека не можат да пристапат до апликацијата „тимс“. 

Истото се случи и денеска, кога 31 училиште беше евакуирано во Скопје, меѓу кои повеќе основни училишта во Аеродром и во Гази Баба. 

Децата заминаа дома и не можеа да пристапат до апликацијата „тимс“. Ѕвонеа на телефон на своите родители, кои очекувано, беа на работа. Тие пак им се јавуваа на соседите кои знаат дека се дома, да им помогнат на нивните деца. Дедовци ѕвонеа на врата кај соседите да побараат помош, затоа што учениците дома се нервозни и се плашат дека наставниците нема да им веруваат дека се обидувале да се „закачат“ на „тимс“, но дека не успеваат.

Од МОН велат дека повеќемина им се јавиле соистото прашање: Зошто не функcионира „тимс“. Во моментот ја проверуваат информацијата, но не знаат зошто се случува тоа.

Ако се знае дека апликацијата „Мајкрософт тимс“ беше откупена од МОН пред три години, кога прекина наставата со физичко присуство и почна онлајн наставата поради пандемијата од корона вирус, се претпоставува дека лиценцата за овој производ на „Мајкрософт“ е истечена, која најверојатно била за три години.

Училиштата, поради корона вирусот, беа затворени во март 2020 година, а денеска е 1 март 2023 година.  

Од МОН најавија дека ќе имаат информација подоцна во текот на денот.