Ученици принудени да патуваат со километри на настава во Илинден  – одлуката кажана во последен момент

Родителите гневни - им било ветувано дека новото училиште се прави за да ги собере сите деца да одат во една смена и со целодневна настава.


Родители од основното училиште „Гоце Делчев“ во Илинден најавуваат бојкот на наставата од 1 септември поради одлуката на директорката да ги премести помалите одделенија во новото, монтажно училиште кое в четврток треба да се отвори, а кое е неколку километри подалеку од објектот во кој лани учеа овие деца.

Станува збор за учениците од 1-5 одделение кои според планот што им го презентирала директорката ќе одат во монтажното училиште, во две смени. Од 6-9 одделение ќе останат во ланскиот објект и ќе одат во една смена. Притоа, најголем дел од учениците треба да патуваат со училишен автобус. Родителите се гневни затоа што лани им било ветувано дека новото училиште се прави за да ги собере сите деца да одат во една смена и дека притоа ќе има целодневна настава.

– Ова е голема општина. Дете од 7-8 години треба само да оди со автобус (кој притоа не оди низ сите населби), да отиде втора смена и само да се враќа назад зимоска, кога во 16 часот е веќе темно. Зарем треба да напуштиме работа за да можеме да ги испратиме децата во 12 часот во училиште? За кого го отвораат новото школо ако децата ги оддалечија дополнително од своите димови и плус превозот за сите уште не е соодветно решен. Нели училиштата се градат за да бидат поблиску до учениците што гравитираат таму, а не дополнително да ги оддалечуваат – реагираат родителите.

Тие велат дека директорката ја донела одлуката на своја рака, без консултации со родителите, без критериуми зошто така ги распределила одделенијата и им ја соопштила вчера, на три дена пред почеток на учебната година. Нивните барања се да нема втора смена за пониските одделенија, или пак да си останат во ланскиот објект, а во новиот да одат повозрасните деца; да се направи нова распределба што повеќе ќе им одговора на родителите и на учениците и да се чујат и нивните ставови.

Изјава од градоначалникот при посетата на објектот во ноември, лани

– Лани правевме анкета, од која резултатите до денес никој официјално не ни ги кажа. Ние знаеме дека многу висок процент од родителите побараа учениците да останат во ланското училиште затоа што тука им е поблиску поради местото на живеење. Останатите, што гравитираат околу новото, сакаат таму оти, исто така, им е поблиску. И некој требаше да ги испочитува тие резултати. Денеска, се прави нова анкета за тоа дали би ги пуштиле децата во новото училиште. Вчера се состана Советот на родители, на кој јасно ѝ беше укажано на директорката да си направи нова распределба – велат родителите.

Тие посочија и други проблеми – околу новото училиште уште има кабли, дупки, назакопани водоводни цевки. Улицата пред училиштата не е соодветно регулирана за да го спречи брзото возење. Нема фискултурна сала, па ќе се вежба во ходник. Дополнителен проблем е превозот за над 30 ученици од Јака бидејќи автобусот не влегува низ населбата поради неасфалтираните улици. Затоа го повикуваат и Министерството за образование да се вклучи за да се најде решение за проблемите и училишната година да не почнува со бојкот.

– Наместо новото училиште да го реши проблемот со реално големиот број ученици во Илинден, тие ни отворија низа други проблеми. Кога се сликаа директорката и градоначалникот во него (и овој и претходниот) даваа изјави дека ќе има една смена и целодневна настава. Но, тоа не е така. Излегува дека училиштето не го отвораат за учениците, туку само им служи како адут за избори, се бунтуваат родителите.

Според најавите, подобри услови има само за учениците од прво одделение, а училиштето сепак ќе ја почне наставата со куп нерешени проблеми

Директорката Душанка Кртевска вели дека новиот објект на училиштето „Гоце Делчев“ ќе почне со работа со почетокот на учебната година.

Стариот објект на ООУ „Гоце Делчев“ – преземено од ФБ

– Во него ќе бидат сместени учениците од 1-5 одделение, а во стариот објект остануваат учениците од 6-9 одделение. Имаме 23 паралелки, а само 14 училници, па затоа наставата повторно ќе се одвива во две смени. Обезбеден е автобуски превоз за учениците од подалечните населби. Имаме проблем со учениците од населбата Јака, затоа што таму до некаде има асфалтиран пат, а потоа е црн пат, но лани направивме напори автобусот да влезе во населбата. Истото го обезбедивме и за оваа учебна година. Првачињата се сместени во новиот објект затоа што тука имаме нова трпезарија и тоа ни овозможува да имаме целодневен престој на децата, но само за оние од прво одделение. Се надевам во иднина ќе обезбедиме целодневен престој и за другите ученици. Дополнително, загревањето во зимските месеци полесно може да го организираме во новиот објект, па училниците ќе бидат топли и за децата од втора смена и за оние кои се со целодневна настава. Во стариот објект би се трошело многу енергија доколку наставата се организира во две смени. За одвивање на наставата за физичко воспитување имаме надворешно игралиште. Се јавува проблем кога деновите се врнежливи, но помалите ученици ќе може да вежбаат во големиот хол – вели директорката на училиштето Душанка Крстеска. Додава дека доставиле барање до МОН за изградба на фискултурна сала. 

Појасни дека родителите на анкета се изјаснувале за тоа во кој објект сакаат да им учат децата, но дека некои се незадоволни, па се спроведува уште една анкета.