Убиени 3-месечно бебе и таткото: Уапсен дедото


Страшна трагедија ја потресе јавноста во Косово откако во селото Демирај во близина на Гнилане беа пронајдени телата на 27-годишен маж и неговото 3-месечно бебе, а 65-годишен маж е уапсен под сомнение за извршено тешко убиство.

Според информациите од надлежните органи, полицијата на 1 ноември во 8:47 часот добила пријава дека во семејна куќа во селото Демирај се пронајдени две безживотни тела. На местото на настанот веднаш излегле полициски единици, државен обвинител и екипа на Итната медицинска помош, кои ја констатирале смртта на двете лица.

Како што потврди портпаролот на полицијата за регионот на Гнилане, Исмет Хашани, уапсениот 65-годишен Брахим Демири е татко на 27-годишниот Адонис Демири, чие тело е пронајдено во куќата.

Првичните истражни дејствија укажуваат на сомнеж дека се работи за злосторство, односно дека уапсениот го убил својот син и неговата ќерка.

По налог на државниот обвинител, на осомничениот му е одредено задржување до 48 часа.

Телата на загинатите се испратени во Институтот за судска медицина на обдукција, а полицијата и обвинителството продолжуваат со интензивна истрага со цел целосно расветлување на сите околности под кои се случило злосторството.

Медиумите објавуваат неофицијални информации за текот на трагедијата. Косовскиот портал Лајми.нет објави неофицијално дека прво 27-годишниот маж го усмртил своето тримесечно дете, по што неговиот татко го убил него. Сепак, овие наводи засега не се официјално потврдени од надлежните институции. Мотивот, точниот редослед на настаните и одговорноста за смртта на двајцата треба да бидат утврдени со истрагата и резултатите од обдукцијата.