Уапсен е поранешниот директор на Онкологија и уште неколкумина други

Според наводите од клиниката, покрај Васев на работното место биле приведени и една медицинска сестра и друг вработен


 

Во утринската акција на полицијата спроведена по наредба на јавното обвинителство уапсен е поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев. Има и уште тројца други приведени, соопшти обвинителството, од кои една е медицинска сестра.

Акцијата е поврзана со повеќемесечната истрага на обвинителството за кражбата на цитостатици на Онкологија. Претреси утринава биле извршени кај осум лица. Одземени се телефони, компјутери, документација.

Според пишувањата на некои од медиумите три лица се избегани во странство додека траела предистрагата.

Приведувањето на Васев и другите двајца вработени за медиумите го потврди организацискиот директор на клиниката Халид Матоши, откако претходно од Обвинителството кратко соопштија дека се преземаат дејствија за овој случај по наредба на јавен обвинител, а по информациите во медиумите дека се вршат претреси на повеќе локации.

„Од тука тројца се земени. Поранешниот директор и двајца вработени. Секретарката не се појави на работа денеска, може е земена од некаде, исклучен и е телефонот“, изјави Матоши.

Директорката на Онкологија пак, Виолета Клисарова, изјави дека и покрај ова, Клиниката денеска функционира нормално и сите закажани терапии течат тековно.

„Сите закажани пациенти, тековни прегледи предвидени терапии на пациентите, како и прием на нови пациенти функционира нормално. Работат сите амбуланти. Работиме со полн капацитет на Клиниката и затоа замолувам да не се создава паника. Никој од пациентите нема да биде вратен. Сите ќе ја примат предвидената и планираната терапија“, изјави Клисарова.

Директорката додаде дека сите информации во врска со истрагата ќе ги изнесат истражните органи. За тоа дали имало проверки од страна на полицијата, Клисарова вели дека не може да каже бидејќи не била информирана.

На почетокот од септември минатата година со судска наредба, а врз основа на наводите изнесени во новинарски текстови, беа извршени претреси на Клиниката за онкологија и во два приватни стана. Притоа беа одземени компјутери и документација, кои потоа беа дадени на анализа и вештачење.

Во врска со скандалот се формираше и собраниска Анкетна комисија, пред која сведочеа поранешни министри за здравство, вработени во клиниката на Онкологија, како и други функционери. Нејзината работа заврши неуспешно.