Уапсен братот на Виктор Орбан, осомничен е за трговија со луѓе

Според досегашните сознанија Арон Орбан влијаел Виетнамци имигранти да добијат визи. Виктор Орбан вели дека целта е тој, а брат му бил само средство


Виктор Орбан

 

Братот на Виктор Орбан, Арон Орбан, е приведен како осомничен во случај на трговија со луѓе, објави денеска Петер Маѓар на Фејсбук.

„Според медиумските извештаи, братот на Виктор Орбан, Арон Орбан, е приведен под сомнение за трговија со луѓе. НВВХ и Националното биро за истраги продолжуваат со истрагата“, напиша Маѓар на својот профил на социјалните мрежи.

Според информациите објавени од информативниот портал „Портфолио“, Националната канцеларија за повраток и заштита на имот (НВВХ) и Националното биро за истраги (ННИ) утрово спроведеле заедничка операција во Будимпешта и на неколку локации во округот Пешта, во врска со случај на трговија со луѓе.

Според официјалното соопштение, приведени се неколку лица, а извршени се и претреси во нивните домови, како дел од две паралелни кривични постапки.

Порталот наведува дека надлежните најавиле оти дополнителни детали за истрагата ќе бидат соопштени подоцна попладнево.

НВВХ беше меѓу првите што започнаа со истрага на случајот поврзан со Арон Орбан. Според претходни медиумски извештаи, компанија во сопственост на помладиот брат на поранешниот премиер пријавила виетнамски државјани на дводневен курс за спасување животи на Универзитетот во Печуј – потег што можел да им го олесни добивањето шенген-визи. Арон Орбан интервенирал во еден случај за да се забрза барањето за виза.

Доколку овие информации до кои дошла истрагата се покажат како точни тоа ќе значи дека додека владата на Виктор Орбан водеше цврста антиимиграциска политика неговиот брат се занимавал со „црноберзијанство на луѓе“.

Според медиумот „Телекс“, еден од соработниците на Арон Орбан, Г.Б. – кој беше уапсен по априлските избори заедно со уште едно вклучено лице, Јанош М. – неодамна е пуштен од притвор. Во тоа време, случајот беше предмет на истрага од страна на Централното истражно обвинителство, но откако надлежноста ја презеде НВВХ (Национална канцеларија за заштита на имотот), дојде до нов развој на настаните, при што мерката притвор за Г.Б. е укината. По ова уследи акцијата во понеделникот наутро, која сега директно го засега Арон Орбан.

„Телекс“ дознава дека информации за случајот на Арон Орбан и неговите соработници претходно стигнале не само до Централното истражно обвинителство, туку и до полицијата. Според неговите сознанија, пред Националното истражно биро сведочел и еден виетнамски преведувач, кој живее во Будимпешта и имал увид во прашањата поврзани со визите. Овој Виетнамец бил во контакт со инволвираните лица во два наврати се сретнал и со Арон Орбан. Тој, исто така, имал јасна претстава за улогата што Арон Орбан и неговиот партнер ја одиграле во овој случај.

Веднаш со реакција се јави поранешниот премиер Виктор Орбан, кој ја обвини владата на Петер Маѓар дејка со вакви акции го одвлекува вниманието и дека целта е самиот тој.

„Денес, владата треба да одговара пред Комисијата за национална безбедност за скандалот со агентите. Оваа пресметка служи само за одвлекување на вниманието. Во Унгарија не постои одговорност, туку само пресметки. Кога нешто е непријатно за владата, на сцена стапува АВХ (тајната полиција). Целта на оваа валкана игра е да се елиминира политичкиот противник и да се воспостави еднопартиски систем. Јас сум целта, а брат ми е само средство“.