Така Конески го бранеше јазикот | ОДГОВОРОТ НА ВЕЛИКАНОТ ДО НЕГАТОРИТЕ (3)
Тврдењата за „бугарското мнозинство“ во Македонија
Од статијата на Георги Чанков во „Работническо дело“ произлегува дека дека во Македонија живее не бугарско, ами македонско малцинство штом повеќето Македонци зборувале, како што сакаат да кажат, на бугарски јазик
Една книга реакција на големиот Блаже Конески од 1948 година насловена како „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, објавена од Земскиот одбор на Народниот фронт на Македонија, на извонреден начин ги сместува бугарските оспорувања на македонскиот литературен јазик во графата на политичка и псевдонаучна пропаганда. Оваа книга-расправа на Конески следи по статијата на организацискиот секретар на БРП(к) Георги Чанков објавена во „Работническо дело“ кусо време пред тоа со наслов: „Предавниците на социјализмот и на македонското дело“. Во неа Чанков се обидува да докаже дека не постојат ниту македонскиот јазик ниту македонскиот народ.
Блаже Конески на извонреден начин го докажува токму спротивно и тоа само три години по кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Конески тогаш има 27 години. Неговата ерудиција и знаење беа извонредни, понекогаш дури и неверојатни за неговата младост. Но генијот не внимава на младоста – или си или не си.
Во овој фељтон ќе ја пренесеме оваа мала книга објавена во 1948 година, која изгледа како да е пишувана за денешниве собитија. Бидејќи ништо не се променило во ставовите на негаторите на македонскиот јазик.
* * * * *
3.
Како што споменавме веќе порано, потребно беше да го направиме овој увод, т. е. да се запознаеме со гледишта та на хегемонистите за нашиот литературен јазик, поради тоа што истите тие гледишта се воскрснуваат денеска од страна на комунистите во Бугарија, и се одразени и во статијата од „Работническо дело“ на која ние поспецијално ќе се запреме. Во таа врста ќе ни бидат појасни работите.
Но пред да пристапиме кон таа статија, добро ќе биде да се потсетиме што пишуваше Георги Чанков пред една година, во една друга своја статија, сосем различна по дух и по слово од сегашнава, излезена во „Работническо дело“ од 9.X.1947 година. под наслов „Националниот празник на македонскиот народ“.
Ќе направиме од неа само некои извадки, за да може читателот да ги споредува мислите што се изнесени таму, со тоа што Чанков денеска го зборува.
„Македонскиот народ — велеше тој — по цената на скапи жртви го извоева своето законско право да биде почитан како слободен и рамноправен народ. Тој им покажа на сите непријатели — великобугарски, великосрпски и грчки шовинисти, кои што му го одречуваат правото на самостојност, — дека е животоспособен народ, вреден да го уреди својот сопствен дом, како што диктираат неговите интереси. Тој ја создаде својата македонска држава во рамките на Федеративна Југославија и со невиден херојски труд ја создава својата материјална и духовна култура“.
Што се однесува до македонскиот народ во Пиринска Македонија, спрема него треба да се развива таква правилна политика, во духот на ОФ, што да им се дадат на Македонците таму сите права „да се воспитуваат како дел од македонскиот народ, кој што веќе има своја сопствена држава, да ја изучуваат својата сопствена историја, да се учат, пишуваат и зборуваат на својот роден македонски јазик, да имаат своја книжнина и да ја развиваат својата национална култура“ (подвлекол Б.К.).
Такви погледи изразуваше Георги Чанков во таа своја статија. Тој употребува во неа и еден сликовит израз дека не треба „часовникот да го навиваме спрема великобугаризмот ами спрема политиката на Отечествениот фронт“. Денеска по сешто излегува дека часовникот на Чанков се прекурдисува на годината. Зошто (навистина интересно поклопување!) точно по една година, на истиот ден, 9 октом ври, тој се појави со втората своја статија за „предавнините на социјализмот и на македонското дело“ откаде се гледа дека овој пат сосем поинаку го курдисал својот ча совник, имено спрема точното време на великобугаризмот.
Втората статија е полна со внатрешни противречности, какви што секогаш се јавуваат што човек нејќе отворено да каже што мисли, ами поради некакви причини го заметкува своето вистинско мислење. Во неа се карактеризира како измислица „на скопските и белградските тесногради националисти“ тврдењето дека ЦК БРП (к) не ја признава македонската нација и го отфрла „македонскиот јазик воопшто“. Од тоа би излегувало дека е точно обратното, и во однос на македонскиот јазик дека е точно, ЦК БРП(к) да го признава како самостоен јазик, што се зборува, сосем природно, од самостоен народ.
Но тоа е само една изјава што се демантира веднаш од самиот автор. Бранејќи го решението на XVI пленум на ЦК БРП(к), македонскиот литературен јазик да се предава во Пиринска Македонија само како факултативен предмет, Чанков вели дека со тоа му се дава препорака „на населеието од Пиринскиот крај, засега да се учи и воспитува во духот на социјализмот на неговиот говорен јазик, што му е разбран, т. е. на бугарски јазик…“ (Подвлекол Б.К.). По таков начин тој констатира дека јазикот на Македонците од Пиринска Македонија е бугарски. Ова тврдење на Чанков, кое што не е само негово тврдење, токму за 180° е противположно на тоа што самиот тој го кажуваше за јазикот на Пиринците само пред една година, говорејќи како тие треба „да се учат, пишуваат и зборуваат на својот роден македонски јазик“. Многу јасно дека никаква логика не може да ги сврзе овие две искажувања на еден исти човек. Би се добила навистина интересна конклузија дека родниот македонски јазик на „пиринското население“ е заправо бугарскиот јазик. Многу јасно е дека во едниот од овие два случаја Чанков не зборува вистина.
Но може би тој барем на македонскиот народ во нашата Народна Република му признава дека има самостоен јазик? Може би тој отстапил од она што порано го изјавувал само во однос на „пиринското население“, сакајќи да ги правда решенијата на XVI пленум за политиката на БРП(к) спрема „Пиринскиот крај“? Работата далеку не е таква. Напротив, во статијата од „Работническо дело“, во овој поради нешто удобен момент, се поставува под прашање и јазикот на целиот наш народ. Тоа е недвосмислено искажано во следната реченица: „Околноста што повеќето Македонци зборуваат на бугарски јазик не им ја одзема во ништо македонската национална свест“. Што останува да научиме од ова? Прво, дека повеќето Македонци зборуваат бугарски јазик. Второ, дека помалцето Македонци, оние што ќе преостанат, зборуваат евентуално македонски јазик. И од сето тоа треба да бидеме толку паметни да заклучиме дека не се отфрлал „македонскиот јазик воопшто“ дека така можат да ја разберат работата само „тесноградите националисти од Скопје и од Белград“, додека еве, широкоградите интернационалисти од Софија, им го признаваат правото на помалцето Македонци на самостоен јазик. Пред една година, навистина, тие беа многу поширокогради во тој однос спрема народот — што „по цената на скапи жртви го извоева своето законско право да биде почитан како слободен и рамноправен народ“. Денеска не е веќе така, за уште една потврда на латинската пословица: „Темпора мутантур“!
Тие сакаат да го ревидираат и повторно да го решаваат тоа што веќе историјата го решила неповратно. Ним поради нешто им ги боде очите самото постоење на македонскиот литературен јазик, како основно средство за изградбата на македонската народна култура
Дали ќе биде многу-многу тешко за секој човек што може макар трошка да мисли, да ја увиди поврзаноста на ова ново становиште за македонскиот јазик, со барањата што XVI пленум на ЦК БРП(к) ги истакна во однос на некакво „бугарско малцинство“ во Македонија, на кое требало да му се дадат права да се учи на својот мајчин, т. е. бугарски јазик. Дали ќе биде, потем, тешко да се домислиме дека, според „Работническо дело“, тука не би требало да се зборува за некакво „бугарско малцинство“, ами за право за „бугарско мнозинство“ во Македонија, штом повеќето Македонци зборувале, како што сакаат да кажат, на бугарски јазик. И така, логички излегува од сето: дека во Македонија живее не бугарско, ами македонско малцинство. И така, на македонскиот народ што „по цената на скапи жртви го извоева своето законско право да биде почитан како слободен и рамноправен народ“ треба да му се каже дека тој заправо не е никаков слободен и рамноправен на род, ами е и во својата сопствена земја — малцинство. И ако човек по сето ова заклучува оти тука немаме ништо друго освен одење по патот на великобугарската кауза, тогаш тој ќе биде „тесноград националист“, за разлика од широкоградите интернационалисти во Софија што ги прават сите споменати рабоќе.
Великобугарската теза е јасна: нема македонска нација, нема македонски јазик, сето тоа е измислица. Тезата што ја застапува „Работническо дело“ се сведува во својата сушност на истото. Разликата е само во тоа што великобугарите ја изнесуваат својата теза јасно и недвосмислено, додека „Работническо дело“ ги копира срамежливо, гледајќи да се прикрие работата со општи декларации за тоа како никој од БРП(к) не ја негира македонската нација, ниту „македонскиот јазик воопшто“. Македонскиот народ со оружје ги избрка великобугарите од својата земја, тој достојно одговараше на нивните напади со тоа што „со невиден херојски труд ја создава својата материјална и духовна култура“ („Работническо дело“ 9.X.1947). Тој со вратно и што треба само да се разбере, ако се сака да не се можат во тоа со доуништувањето кај себе на останките од великобугарштината. Денеска, меѓутоа, тој доживува да се воскреснуваат великобугарските теории, прикриени под плаштот на „вистински марксистичкото решавање на националното прашање“, од никого друг, ами од самите бугарски комунисти. Тие сакаат да го ревидираат и повторно да го решаваат тоа што веќе историјата го решила неповратно и што треба само да се разбере, ако се сака да не се прават поразии во политиката.
Во овој момент, како што се гледа и од статијата на Чанков тие особено го земаат на нишан македонскиот литературен јазик. Ним поради нешто им ги боде очите самото постоење на тој јазик, како основно средство за изградбата на македонската народна култура. „Околноста што повеќето Македонци говорат на бугарски јазик не им ја одзема во ништо македонската национална свест“ — отсечува беспоговорно Чанков. И како за утеха на Македонците додава, од височината на добар познавач на марксистичката теорија за нацијата, дека: „Не е јазикот сам по себе единствена и најглавна ознака на нацијата“. Кој што има уво да слуша благи совети, лесно ќе се досети што сака да им каже пишувачот на Македонците меѓу редови. Тој сака да каже: зошто ви е некаков ваш самостоен јазик, кога и без него можете да бидете нација, а нам, разберете, тој ваш јазик ни ги пара ушите; бидејќи ние сме вистински марксисти интернационалисти, ние не може да немаме право, а вам друго не ви останува освен да нѐ послушате.
Сето ова Чанков го поткрепува понатаму со ништо дру го, ами со најобична ревизија на Сталинското учење за наци јата. „Општо е познато — вели тој — дека швајцарскиот народ во различните делови на својата земја зборува на три јазика. Тоа не му пречи да се чувствува како единствена нација“.
Со други зборови, тој тврди дека може да има нација без еден општ национален јазик и тврди дури дека е тоа општо позната работа. Сосем спротивно, и единствено правилно гледиште за ова, наоѓаме кај Сталина, во неговата класична книга „Марксизмот и национално-колонијалното пра шање“: „Нема нација што истовремено би зборувала на разни јазици…“ — вели Сталин (стр. 8). И понатаму: „Може да се замислат луѓе со заедничка територија и заеднички економски живот, а сепак тие, ако немаат заеднички јазик и ‘национален карактер’, не чинат една нација“ (стр. 11, подвлекол Б.К.). А тоа значи дека не одговара на вистината тврдењето на Чанкова, како Швајцарците, што дека говореле на три јазика, пак преспокојно си се чувствувале како единствена нација”. Сталин ја споменува на некои места во својата книга и самата Швајцарија, давајќи да се разбере сосем јасно, дека во неа живеат не една, ами повеќе нации. Така на стр. 68 тој говори оти „национален гнет нема во Швајцарија, каде што слободно живеат Французи, Италијани и Германци“; и на стр. 69: „Колку за Швајцарија, таа се доближува кон демократско општество, и во неа нациите имаат горе-долу полна слобода“.
Доста е ова што го приведовме па да ни стане наполно јасно дека Чанков го „поправа“ Сталина во однос на учењето за нацијата. „Марксистот” се покажува обичен ревизионист во однос на една од основните поставки на марксизмот-ленинизмот за нацијата. Треба на ова место да се подвлече дека досега ЦК БРП(к) со ништо не се оградил од тврдењето на Чанкова, што може единствено да се разбере во смисла дека тој молчеливо ја признава оваа најнова ревизија на Сталина. Нацијата е за Чанков, се гледа, нешто многу флотантно. Во најмала рака тој сака да внесе нејасност во работи што се за секого јасни. Или може би во случајов немаме никакво умислено ревидирање на марксистичкото учење за нацијата, ами просто незнаење на најосновните теоретски поставки на марксизмот во таа област? Многу тешко му е на човека да сфати дека еден така висок функционер на БРП(к), не ги знае азбучните вистини на марксизмот-ленинизмот, многу безутешно би звучело тоа. Или може би во случајов сето тоа произлегува од еден навик, создаден веќе кај човека, дека сѐ што ќе каже треба да се прими како готова пара, дека од устата на Златоуста секој збор е алтан.
Како и да е, што и да е точно, ние имаме право да не му даваме многу верба на тоа што тој го кажува во однос на македонската нација и на македонскиот литературен јазик. Ние имаме право да не му веруваме на еден човек што едно зборувал со полна уста на 9-Х-1947 година, а друго, сосем спротивно, на 9-Х-1948 година, и што притоа изјавува дека се општо познати работи неговите тврдења што наполно се косат со основните поставки на теоријата за нацијата, како што се тие во класичен вид формулирани кај Сталина. (Продолжува)