„Твојата свест е најважниот филтер“, продолжуваат Деновите на медиумска писменост 2024


Деновите на медиумска писменост 2024 кои годинава се одржуваат под мотото „Твојата свест е најважниот филтер“ продолжуваат со низа настани низ целата држава.

На вториот ден од ДМП 2024 година, денеска од 13:00 до 15:30 часот, во Собранието на Република Северна Македонија ќе се одржи панел дискусија на тема „Медиумската писменост и младите“, организирана од Младинскиот образовен форум (МОФ) и ИРЕКС.

Во исто време, во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово ќе се одржи работилница на тема „Медиумска лабораторија: Препознавање дезинформации и креирање медиумски содржини“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС). 

Од 14 до 15 часот во Europe House во Скопје ќе има панел дискусија на тема „Увезени дезинформации (фокус на Олимписките игри 2024)“, организирана од Делегацијата на Европската Унија.

Со Деновите на медиумска писменост 2024, кои се одржуваат од 28 октомври до 4 ноември преку голем број разновидни настани Мрежата за медиумска писменост дава придонес кон одбележувањето на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост во организација на Алијансата за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО. Темата на ДМП, поврзана со Глобалната недела, гласи „Медиумска и информациска писменост за информирање во јавен интерес“.