Тужбите кон Министерството за одбрана ќе станат минато, прекувремената работа сега ќе се плаќа целосно


Вработување без јавен оглас за критичните професии, плаќање на реален надомест за прекувремената работа, напредување според заслугите и спречување на партизација, отворање на АРМ за кадри со попреченост, за деца на умрени и загинати војници во АРМ и слични одредби се дел од првиот закон за вработените во АРМ, кој по повеќе месеци блокади од опозицијата, помина во Собранието.

Ова, според министерката Славјанка Петровска, е прв ваков закон кој ги двои вработените во АРМ од „морето“ на јавната администрација, кој е правен според стандардите на НАТО, кој нуди решенија за проблемите со кои се соочува МО во секојдневното функционирање и, што е најважно, ја прави финансиски привлечна воената професија.

Поради изборите, делот од законот кој има финансиски импликации, т.е. предвидува поголеми исплати, ќе се применува по изборите, но сретствата ќе бидат исплатени ретроактивно, од неговото стапување во сила. Законот, според министерката Петровска, ќе му овозможи на МО подобро да ги менаџира човечките ресурси, ќе биде помотивирачки за вработување во одбраната и ќе овозможи посебни ивластувања (не во смисла на привилегии)  на некои, за да можат полесно да ги завршат задачите што произлегуваат од членството во НАТО.

Законот пред се овозможува кадри кои се сметаат за критични специјалности (како информатичари и кадри специјализирани за сајбер одбрана) да бидат примени без јавен оглас и да добијат повисока плата, бидејќи со регулативата досега ваквите работни места било невозможно да се пополнат. За да не се злоупотребува оваа отстапка и да не се случи некој  да вработи на ваков начин советници во својот кабинет  точно се наброени специјалностите за кои е предвидена ваквата отстапка. 

Законот широко отвора врата и за вработување на луѓе со попреченост на позиции на кои можат професионално да одговорат, како и за вработување на деца на загинати или починати вработени во АРМ и МО, кои досега мораа да се јавуваат на јавни конкусри – со мали шанси да успејат. 

Законот исто така промовира систем на заслуги во напредувањето, при што ќе биде создаден посебен одбор од службеници во МО  кои двапати годишно ќе предлагаат план за вработување и за унапредување на кадрите, а ако некој не биде унапреден на повисока функција, ќе добие повисок ранг и соодветно ќе биде платен.

Законот предвидува и стипендирање на студенти со критички специјалности, со обврска да се вработат потоа во МО, како и практиканство  кое може да ги доведе до вработување  без јавен оглас, а со неколкумесечна обука и позитивна препорака. 

Со законот Министерството за одбрана практично реши наследен проблем, откако од 2018 година почнале да стигаат тужби од вработени на кои не им била исплатена целосно прекувремената служба, бидејќи законот тогаш предвидувал максимум 190 часови во една година, кои пак се трошеле на една воена вежба. Ваквите тужби, кои нагло пораснале во 2022 година, го чинеле МО околу 7 милиони евра платена оштета, судски и други трошоци кои сега ќе се избегнат, бидејќи новиот закон го зголеми лимитот на платена прекувремена работа до 384 часови годишно. 

Сепак, и покрај ваквите трошоци,  министерката Петровска нагласи дека не гледа потреба од враќање на задолжителното служење воен рок бидејќи земјите што се вртат кон ова решение во Европа имаат проблеми со регрутирање на професионални војници, при што како пример ја посочи Црна Гора на која при армија од 1.800 војници и фалат уште 300, бидејќи условите што им се нудат се понеповолни од тие во Македонија. Наспроти тоа, посочи Петровска, нашите војници имаат зголемување на стажот за пензија бидејќи ќе им се пресметуваат десетте години кога биле наплатени, а кога по 45 години ќе исполнат услови да заминат можат да изберат меѓу три опции – финансиска отпремнина, цивилна работа во АРМ или работа во други делови на јавната администрација, додека со Законот за критична структура, кој е во процедура, ќе им се отвори уште една можност. 

Запрашана за истрагата околу обидот на компанија со руски капитал да добие суптилен јавен тендер од Министесртвото за одбрана, Петровска рече дека компанијата била регистрирана во земја членка во ЕУ  за да се покаже како релевантна, дека во првата фаза понудата и била речиси иста како на останатите што конкурирале, но во втората фаза ја намалила сумата за 50 отсто, што било сигнал за нив дека сакала да го добие тендерот по секоја цена. Паралелно, разузнувачките служби алармирале дека се работи за сомнителна компанија и иако, како што нагласи, кривично дело нема, работата е подигната на повисоко ниво и е почната истрага. Со добивање на тендерот  компанијата ќе имала пристап до информатичкиот систем на Министерството. (С.Ј.)