Турски „Јилдирим“ го купи поранешно „Фени“, работниците сукцесивно ќе се враќаат на работа

Синдикатот и новото раководство се договориле работниците кои ја одржуваа печката во топла состојба да се вработат на неопределено време


 

Турски ,,Јилдирим“ го купи комбинатот за фероникел, поранешно „Фени“ од Кавадарци, а работниците сукцесивно треба да се враќаат на работа, изјави попладнево за МИА, Игор Ѓерасов, претседател на републичкиот Синдикат за индустрија, енергетика и рударство. Тој додаде дека Синдикатот и новото раководство разговарале пред неколку дена и начелно било договорено, оние стотина работници кои беа ангажирани за одржување на печката во топла состојба во изминатиот период, додека топилницата беше во стечај, да се вработат на неопределено време. По нив, сукцесивно, по потреба, да се враќаат на работа и други поранешни вработени во комбинатот.

– На средбата ни беше кажано дека за околу три месеци, комбинатот треба да се рестартира со работа и да започне со производство, како синдикат се надеваме дека работниците ќе се вратат на работа, имајќи во предвид дека станува збор за компанија, значајна за кавадаречката и македонската економија, подвлече Ѓерсов. 

Некогашниот гигант од Кавадарци, кој до пред некое време вработуваше околу 800 работници, во изминатиот период се соочуваше со проблеми, вработените протестираа, а компанијата која беше со странски газди, замина во стечај. Вработените редовно потсетуваат дека илјадници фамилии егзистираат од топилницата, имајќи ги во предвид и транспортните компании ангажирани за комбинатот. 

Инаку, Независен пишуваше за турската компанија на крајот на декември лани. Станува збор за една од најзначајните рударски холдинг компании во Турција, која минатата година во странство вложи значајни инвестиции на полето на рударството, купува и инвестира во фирми од областа на рударството. За инвестициите на холдингот „Јилдирим“ весникот „Dünya“ (Свет) пишуваше дека во декември 2021 година ја купи најголемата албанската фирма „Aлбкром“.

„Јилдирим“ до пред две години работеше во седум земји во областа на рударството, при што работеше врз експлоатацијата на злато, хром и никел. Овој холдинг во рамките на заложбите да ги развие своите бизнис планови ја вклучи и Европа, се наведува во написот.

Инаку, претходно, Комерцијална банка соопшти дека се стекнала со сопственост врз металуршкиот комбинат „Еуроникел“, поранешен „Фени“, каде што банката беше главен доверител. Информацијата беше соопштена преку Македонската берза, при што наведе дека во постапка за присилна наплата на побарувања од должникот ‘Еуроникел индустри’ ДОО с. Возарци Кавадарци, Банката се стекна со сопственост врз недвижен и подвижен имот за вкупна цена од 37.897.993 евра.

„,Еуроникел индустри“ подолго време се соочуваше со тешкотии во работењето, а синдикатот неколку пати со протести и блокади на патишта го изрази својот револт, барајќи што побрзо да се изнајде нов инвеститор и да се реши судбината на околу 800 вработени и плус соработници на гигантот кој е важен за кавадаречката и македонската економија.

„Еуроникел“ беше купена во 2019 година од страна на ГСОЛ, Global Special Opportunities Ltd. (GSOL).

„Јилдирим груп“ е основана како градежна компанија во 1963 година, а денес работи во повеќе сектори, како метали, рударство, хемиска индустрија, пристаништа, градежништво, производство на електрична енергија и е присутна во 56 земји на пет континенти со повеќе од 25.000 вработени ширум светот.

На истата тема:

Кој ќе го купи „Фени“?