„Туркиш ерлајнс“ со специјален попуст од 40 отсто за здравствените работници од целиот свет


– Турскиот национален авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) нуди 40 отсто попуст за здравствените работници од целиот свет, кои несебично работат во борбата против пандемијата на Ковид-19, јави агенцијата Анадолија.

Секој здравствен работник и три лица што патуваат со него ќе можат да купат билети со овој попуст преку Интернет страницата на „Туркиш ерлајнс“ или преку мобилната апликација во рамките на новата кампања, која важи за сите летови и сите видови билети.

– Патниците кои се пријавиле во рамките на кампањата ќе имаат можност да ги користат услугите со попуст од 40 отсто во периодот од 8 јуни 2020 година до 31 мај 2021 година, доколку билетите бидат купени во периодот од 8 јуни до 1 август, соопшти компанијата.

„Туркиш ерлајнс“ минатата недела ги обнови домашните летови по двомесечен прекин поради пандемијата, додека со меѓународни летови ќе почне од утре.