Турција приведе 10 пензионирани адмирали кои го бранат поморскиот договор од 1936


ИСТАНБУЛ – Турција приведе 10 пензионирани адмирали за потпишување изјава за поддршка на 85-годишниот поморски договор, а претседателот Таип Ердоган во понеделникот рече дека документот ја надминува слободата на изразување и подразбира државен удар.

Во изјавата, потпишана од повеќе од стотина поранешни високи лица од морнарицата, се изразува загриженост дека за Конвенцијата во Монтре може да се расправа или да се напушти, откако играше важна улога во безбедноста на Турција и неутралноста во минатото.

Владините претставници одговорија обвинувајќи ги за заговор против уставниот поредок и Ердоган рече дека изјавата е неприфатлива со оглед на историјата на воени удари на Турција.

„Должноста на пензионираните адмирали е… да не објавуваат изјави за политичка дебата што вклучува импликација од државен удар“, им рече Ердоган на министрите и на членовите на АК партијата.

Војската организираше три удари помеѓу 1960-1980 година и со изјава на Советот за национална безбедност, изврши притисок врз првата влада предводена од исламистите да биде исфрлена од власт во 1997 година. Во 2016 година имаше обид за друг удар.

„Во земја која има полна историја со удари и изјави, неприфатливо е 104 пензионирани адмирали да се обидат со таков потфат“, рече Ердоган, додавајќи дека Турција останува посветена на договорот, но може да го разгледа во иднина.

Главната опозициска партија рече дека владата се обидува да го одвлече вниманието од повеќе критични прашања, вклучително и шок од губењето на 12% на вредноста на лирата пред две недели и големиот број дневни случаи на корона вирусот. Ердоган ја обвини опозицијата за изјавата.

Договорот во Монтре, потпишан во 1936 година, ѝ дава на Турција контрола врз теснецот Босфор и Дарданелите во рамките на нејзините граници, а за време на мирот гарантира пристап за цивилни пловни објекти. Исто така, го ограничува пристапот на поморските воени бродови и управува со странски товарни бродови.

Пензионираните адмирали го бранеа договорот како стратешки важен за безбедноста, со оглед на овластувањата на Ердоган да се повлече од ваквите договори. Минатиот месец, претседателот одеднаш се откажа од меѓународен договор наменет за спречување на насилство врз жените.

Обвинителите ги товарат адмиралите за заговор против државната безбедност, објави веб-страницата за вести „Хабертурк“. Државната новинска агенција Анадолија соопшти дека други четворица осомничени биле повикани да се пријават во полиција во рок од три дена, како дел од истрагата.

Изјавата дојде додека владата напредува со плановите за изградба на масивен канал што ќе ги поврзува Црното Море северно од Истанбул со Мраморното Море на југ, паралелно со Босфорот.

Турски официјален претставник изјави дека Монтре нема да го покрива каналот. (Ројтерс)