Турција почна воена интервенција во Сирија
урскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган соопшти дека турската војска денеска почна воена операција на северот од Сирија.
Како што наведе, воената операција го носи името „Извор на мирот“ (“Barış Pınarı”, односно “Peace Spring”), пренесуваат агенциите.
Претходно денеска курдските сили и две сириски групи активисти објавија дека екстремистите од Исламска држава рано утринава изведоа напад врз Рака, на северот од Сирија.
Локалните власти предводени од Курдите повикаа на општа мобилизација
Весникот „Дејли Сабах“ акцијата ја опишува како антитерористичка.
-Турските вооружени сили заедно со Сириската национална армија почнаа акција против терористичката организација ПКК/СЗН и Исламска држава на северот од Сирија. Нашата цел е да го уништиме терористичкиот коридор што се обидуваат да го воспостават на нашата јужна граница и ние ќе го донесеме мирот во регионот, напиша Ердоган на Твитер.
Со операцијата „Извор на мирот“ ние ќе ја отстраниме заканата од тероризам. Благодарение на безбедносната зона која ќе ја воспоставиме, ќе обезбедиме враќање на сириските бегалци во нивната земја. Ќе го заштитиме тероторијалниот интегритет на Сирија и ќе ги ослободиме жителите на регионот од канџите на теророт, напиша Ердоган на својот профил на Твитер.
Турскиот државен радиодифузер ТРТ јави дека турските воени авиони почнаа со бомбардирање на позициите на курдската милиција во стратешкиот северен сириски град Тал Абјад. Турските единици, стационирани на околу шест километри од Тал Абјад, целат складишта за муниција, соопшти ТРТ, покажувајќи снимки, на кои се гледа како се издигнува чад од областа.
Портпаролот на курдските сили Мустафа Бали изјави денеска дека турските авиони почнале да напаѓаат „цивилни подрачја“ во северниот дел на Сирија. Тој на Твитер објави дека нападите предизвикале „огромна паника меѓу луѓето во регионот“.
Официјална Анкара неколку дена ја распоредуваше војската околу границата со Сирија за напад против курдските борци, кои пак во борбата против терористичката Исламска држава беа поддржани од САД. Но американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ја повлече американската војска од регионот за Турција да може да ги спроведе планираните напади врз Курдите, кои во Турција се сметани за терористи.
По почетокот на акцијата, веднаш почнаа да пристигнуваат реакции од меѓународната јавност, кои побараа Турција да запре со воздушните напади.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Твитер изрази надеж дека турските власт ќе бидат „воздржани“ во воената операција во северниот дел на Сирија.
-НАТО е информиран од турските власти за операцијата која во тек во северна Сирија. Сметам на Турција да делува воздржано и да се осигура дека победите кои ги издејствуваме во борбата против ИСИС (Исламска држава) нема да бидат доведени во опасност. Ќе разговарам за ова прашање со претседателот (Реџеп Тајип) Ердоган в петок, напиша Јенс Столтенберг.
Претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, пред Европскиот Парламент во Брисел побара од турските власти веднаш да и стават крај на операцијата во Сирија.
-Турција мора веднаш да ја запре воената операција која е во тек, таа нема да донесе никакви резултати. Ако планот на Турција е да создаде безбедносна зона не очекувајте финансии од Европската Унија, изјави попладнево Јункер.
Американскиот Конгрес ќе се потруди турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган скапо да ја плати офанзивата во Сирија против курдските сили, сојузници на Вашингтон, предупреди денеска влијателниот републикански сенатор Линдзи Греам.
„Молете се за нашите курдски сојузници, кои срамно ги напушти администрацијата на Трамп“, напиша тој на Твитер. „Ќе вложам напори во Конгресот Ердоган тоа многу скапо да го плати“, додаде овој сенатор кој вообичаено го поддржува претседателот Трамп.
Тој и вчера реагираше на оваа тема и порача дека американскиот Сенат ќе бара да се санкционира Турција, па дури и да се суспендира земјата од НАТО ако ја нападне североисточна Сирија и тамошните курдски сили. Греам, кој важи за гласен поддржувач на Трамп, изјави дека соработува со демократскиот сенатор Крис Ван Холен на законот и се надева на големо мнозинство во Горниот дом за изгласување вето.
„Конгресот мора да стави до знаење дека Турција ќе плати висока цена ако ги нападне сириските Курди“, рече Ван Холен, осудувајќи ја „одлуката на Трамп да ги предаде“ Курдите.
Републиканскиот сенатор Мит Ромни предупреди дека одлуката ќе се смета за „предавство“ на Курдите, која ќе ги претстави САД како „несигурен сојузник“.
Членови на обете партии го критикуваа претседателот околу неговата одлука да и дозволи на Турција да влезе во северна Сирија и да ги нападне курдските сили, кои беа предводени од Вашингтон во борбата против терористичката Исламска држава.
Министерството за одбрана на САД вчера соопшти дека ја отстранило Турција од учество во воздушна мисија во Сирија, предводена од Центарот за заеднички воздушни операции. На Турција и било прекинато доставување разузнавачки и информации за надзор, соопшти портпаролката на Пентагон Карла Глејсон.
На прашањето дали тоа значи затворање на сирискиот воздушен простор за Турција, портпаролката рече: „Технички не значи точно тоа, но кога еден фактор е отстранет од воздушна мисија, станува речиси невозможно да се лета без координација во таа зона“.
Советот за безбедност на ОН утре ќе одржи седница зад затворени врати, на која ќе разговара за ситуацијата во Сирија, истакнаа неименувани дипломати. Расправа на 15-те земји членки на СБ на ОН за ситуацијата во Сирија побараа пет европски членки – Велика Британија, Франција, Германија, Белгија и Полска.
Државната секретарка за европски прашања во француското Министерство за надворешни работи Амели де Моншален рече дека трите држави финализираат заедничка изјава со која „силно ја осудуваат“ турската офанзива, но дека сè уште не е договорено посебно соопштение на ЕУ, бидејќи некои земји сè уште не се вклучиле.
Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон денеска се сретна со портпаролот на Сириските демократски сили, групацијата која ги предводи Курдите во оваа земја, Џихан Ахмед, за да му изрази солидарност со нив и нивната борба против таканаречнета Исламска држава, сооопштено е од кабинетот на Макрон.
Состанокот, наведуваат британските медиуми, бил можност да се повтори пораката дека Франција и натаму е многу загрижена заради напредокот на турската воена операција во Сирија.