Тур де Франс: Ван Арт го запре Кавендиш на Шанзелизе, Погачар пак ја освои трката


Вут Ван Арт влегува во целта пред Марк Кавендиш (Фото: Ројтерс)

Неверојатниот Белгиец Вут ван Арт за само 24 часа направи два големи подвига на Тур де Франс – вчера го победи во хронометар Тадеј Погачар, а денеска во последната етапа на Шанзелизе во Париз му ги помати плановите на извонредниот спринтер, Марк Кавендиш од Британија. Кавендиш се врати годинава на Тур де Франс и победи во четири етапи со што се изедначи со легендарниот Еди Меркс со 34 етапни триумфи. Но во Париз Кавендиш стигна само трет и не успеа да избие сам на врвот. Сепак, тој ја задржа зелената маичка за најдобар спринтер.

За Словенецот Тадеј Погачар последната етапа беше само протоколарна, затоа што неговата предност пред второпласираниот, Данецот Јонас Вингегард, беше ненадоместлива, пет минути и 20 секунди. Ова е втор по ред триумф на 22-годишниот Погачар на Тур де Франс. Трет е Ричард Карапаз од Еквадор. Погачар покажа страшна доминација на годишнава трка и неговата победа никогаш не беше доведена во прашање. Погачар со ова стана дел од славните успеси на легендите Еди Меркс, Бернар Ино и Лоран Фињон кои победија во своите први две учества на Тур де Франс. 

Тадеј Погачар за време на последната етапа во Париз (Фото: АП)

Што е уште позначајно, Тадеј Погачар триумфираше во три категории – прв во генералниот пласман, најдобар искачувач (познатата маичка со црвени точки) и најдобар млад возач. Во историјата на Тур де Франс тоа му успеало на Еди Меркс три пати.

Триумфот во Париз беше трета етапна победа на Ван Арт на годинашниов Тур. Тој покажа дека е многу разноврсен велосипедист. Победи во 11-та етапа на планините, кога имаше двојно искачување на митскиот врв Мон Венту, вчера на хронометар, а денеска во спринтерски финиш. Но поради некои потклекнувања на етапите заврши само на 19. место во генералниот пласман.