Тупанчевски ја „бранеше“ амбасадорската фотелја во Белград, отчет даваа уште седум други амбасадори


 

Членовите на Комисијата за надворешна политика ги разгледуваат денес приоритетите на  новите амбасадори  на Македонија – Андреј Жерновски во Романија, Шпенд Садики во Израел, Јасмин Ќахил во Полска, Сашко Насев во  Кина, Игор Попов во Бразил, Илбер Села во Германија, Џенк Сејфула во Шведска и Пајо Авировиќ во ОБСЕ.  Македонија по неколку години ги пополнува овие испразнети амбасадорски места.

Собранискиот филтер претпладнево го мина новиот македонски амбасадор во Белград, Србија Никола Тупанчевски кој оцени дека  односите меѓу Северна Македонија и Србија имаат континуитет и квалитет, но дека во последните две години доживеале ренесанса имајќи ја предвид соработката во сите области и сектори. Смета дека тој тренд на квалитет и интензитет да продолжи и да се продлабочи.

-Практично со затворањето на прашањето за црквата, голем дел од тие отворени прашања веќе се ставени настана. Не значат дека нема да се отворат, како на пример што беа последните случувања што беа меѓу Република Србија и Северниот дел на Косово. Тоа е прашање за кое што не може да кажеме дека нема да има одредени рефлексии и врз нашата држава. Ќе треба да се биде внимателен и да се почитуваат сите одлуки што сме ги донеле како држава. Добри соседски односи, вели Тупанчевски.  

Србија, кажа тој, е четврт трговски партнер на Северна Македонија, а туризмот е еден од секторите што треба и натаму да се развива. Според Тупанчевски во 2022 година имало дури 500 пати повеќе српски туристи во нашата земја. 

-Ова треба да влезе во рубриката верувале или не. Српските туристи во нашата држава се 500 пати повеќе присутни отколку претходната година. Тој е тренд кој што е за поздравување и кој што треба да се одржува и натаму, рече Тупанчевски додавајќи дека треба да се истражи етимологијата на ова.   

Иако Србија не е членка на НАТО, рече тој, во односите со оваа соседна земја треба да се остави простор и за соработка во безбедносниот сектор. Во делот на регионалната соработка, таа се одвива во рамки на иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес за што кај нас, според Тупанчевски, има различни перцепции. 

Како први приоритети, новиот македонскиот амбасадор ги посочи отворањето на Културно-информативниот центар во Белград и на лекторатот по македонски јазик, а посочи и на потпишување на договор за заштита и користење на културните добра, како и отворање на граничен премин кај Лојане. 

Пратеникот Антонио Милошоски, кој е и претседател на Комисијата за надворешни работи оцени дека предлозите за амбасадори се сосема соодветни за овие земји. Сепак, според него и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ повеќегодишното неназначување амабасадори во Белград, Бразилија, Пекинг… е резултат на несовесното работење на претседателот на државата Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи Бујар Османи. 

Милошоски посочи дека во Кина немаме амбасадор седум години, во Србија шест години, во Израел 5,5 години, а во Бразил од април 2020 година. Според него, оставен е вакуум простор за равивање на севкупната соработка со овие земји,како и за добивање на соодветни инфорамции ообено за случувањата во Израел. Пратеникот потенцира дека единствениот наш дипломат во амбасадата во Израел Мачеј Качаровски направил натчовечки напори да се спасат нашите државјани по нападот на Хамас. Милошоски му укажа на Тупанчевски дека во Белград треба да се работи на префрлување на имотот на наши компании кои во поранешната држава имале свои канцеларии во Белград. 

За амбасадори во дипломатско-конзуларните претставништва се испраќаат кариерни дипломати, а во помал дел истакнати личности од политичко-општествениот живот, оцени шефот на дипломатијата Бујар Османи на конференцијата на ОБСЕ што се одржува во Скопје.

-Целиот сет на директори во моментот, на директорати во МНР, се испраќаат како амбасадори во земјите каде што сметавме дека се најсоодветни. Помал дел се луѓе од општествениот живот кои се надвор од дипломатската мрежа, како што е на пример, поранешниот министер за правда Тупанчевски, којшто се упатува Белград, како што е Илбер Села којшто е германофон, завршил во Виена, професор по европски прашања, и се упатува во Берлин, Андреј Жерновски во Букурешт, а Емил Крстевски во Прага. Тие се луѓе надвор од дипломатската мрежа, рече Османи.

Додаде дека останатите се актуелни директори на директорати во МНР.

-На пример, Катерина Ставревска која е директор на Директоратот за НАТО, се упатува во Лондон, Џенк Сејфула кој е директор на Директоратот за ЕУ, се упатува во Стокхолм, потоа Јасмин Ќахил директор на воневропски земји, се упатува во Варшава итн. Значи имаме соодветна листа на луѓе коишто се или искусни во дипломатијата или искусни во политичко – општествениот живот и ќе дадат сериозен придонес во надворешно – политичкото дејствување на државата, вели Османи.