Тројца вработени во Општина Битола зеле субвенции за столарија, граѓаните револтирани


Зградата на општина Битола

 

БИТОЛА – Тројца вработени од општинската администрација на Битола зеле субвенции од 200 до 450 евра за дограма на последниот јавен повик на Општина Битола за надоместување на дел од трошоците за нови ПВЦ или алуминиумски прозорци за домаќинствата на подрачјето на Општина Битола за 2023 година. Еден од добитниците е на високо раководно место помошник-раководител во секторот за финансиски прашања, другиот помлад соработник за културни манифестации и туризам, а третиот советник во одделението за јавни набавки.

Од Општина Битола потврдуваат дека на листата на добитници за дограма се тројца вработени во општинската администрација на Општина Битола. Општина Битола во јавно објавениот линк ги наведе имињата на сите стотина добитници, меѓу кои стојат и имињата на вработените административци. Тоа предизвика реакции од страна на многу граѓани и одбиени апликанти на јавниот повик па на Фејсбук страната на Општина Битола прашуваат „дали треба да работат во општината за да добијат субвенции за дограма“.

Од Општина Битола одговараат дека „во јавните повици нема ограничување во однос на аплицирање на вработени во општинската администрација, кои како жители на општина Битола, од правен аспект, го имаат истото право како и останатите граѓани. Од тој аспект, Општина Битола не може да им го одземе правото на вработените да аплицираат и да добијат субвенција, доколку ги почитуваат сите услови и правила кои важат за сите потенцијални апликанти“.

Но, од општината повикуваат на етичките и моралните стандарди на кои треба да се придржуваат административците.  

„Оттука – дали од етички, морален аспект се предвидуваат измени во правилниците за јавните повици, на нив да не може да се пријавуваат вработени во Општина Битола? Општина Битола, законски не може да постави ограничување на јавните повици да не се пријавуваат вработени од општинската администрација, но одлуката останува на вработените дали ќе аплицираат или не на јавните повици, објавени од институцијата“, стои во одговорот на Општина Битола испратен до „Независен“.

Ова не е прв пат кадри кои се на позиции во општината или јавните претпријатија и советници во Советот да аплицираат на јавните повици на општината за добивање на субвенции. Ваков случај имаше и во изминатите години во времето на екс-градоначалничката Петровска, но под притисок на јавноста, добитниците се откажаа од општинските пари. (А.Б.)