Тројца македонски преведувачи меѓу добитниците на европски награди за драмски превод за 2025 година

Македонските преведувачи Катерина Маркоска, Филип Димевски и Ермис Лафазановски се добитници на наградите за најдобар драмски превод на европско ниво за 2025 година што традиционално, на 21 март, ги соопштува Еуродрам – Европската мрежа за драма и превод.
Македонскиот комитет на Еуродрам разгледа вкупно дваесет предложени драмски преводи на македонски јазик од кои како најдобри ги избра:„Место наречено Некаде“ од Јана Борисова, превод од бугарски на Катерина Маркоска, „Преподобните“ од Славомир Мрожек, превод од полски на Филип Димевски и „Не ја држи линијата зафатена“ од Александра Фелшеги, превод од романски на Ермис Лафазановски.
Списокот на најдобри драмски преводи на македонски и на други европски јазици за 2025 година е достапен на https://eurodram.org/2025-selections/
Катерина Маркоска е научен советник во областа на клиничките испитувања на лекови и води, но посветено се занимава и со превод на драмски текстови од руски и од бугарски јазик.
Филип Димевски е издавач, писател и преведувач од полски јазик. Ги превел Витолд Гомбрович, Славомир Мрожек, Хенрик Шенкевич, Мажена Матушак, Чеслав Милош, Владислав Рејмонт, Пјотр Пажињски и други. Успешно ги води издавачката куќа „Бегемот“ и книжевниот фестивал „АртАреа“ во Скопје.
Ермис Лафазановски e современ македонски раскажувач, романописец, научник од областа на книжевноста и фолклористиката и преведувач од романски јазик. За неговите книжевни дела добил значајни книжевни признанија. Досега на македонски превел дваесетина наслови од познати романски автори.
Еуродрам е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во триесетина јазични комитети меѓу кои е и Македонскиот комитет. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години, секој јазичен комитет на Еуродрам избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и изведување.
Членови на Македонскиот комитет на Еуродрам се: Катарина Коцевска Хаџи Василева, актерка и драмска писателка, Фроса Пејоска-Бушро, преведувачка и професорка на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз, Александар Зицман, преведувач и предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена, Дарко Јан Спасов, преведувач, драматург и директор на Театар „Комедија“ во Скопје и Иван Додовски, театролог, писател и професор по критичка теорија и литература на Универзитетот Американ колеџ Скопје.