Тројца граѓани кои се против депонијата во Пелагонија се вклучуваат во заедничка општинска комисија за проектот

БИТОЛА – Тројца протестанти против депонија во Пелагонија се вклучуваат во заедничка општинска комисија за подготовка на предлог актите за меѓуопштинска соработка за формирање на регионална депонија, за да имаат директно увид во сѐ што ќе се случува со реализацијата на овој проект.
Во заедничката комисија, тројцата граѓани ќе учествуваат заедно со двајца административни работници од Општина Битола.
Овој предлог беше ставен на дневен ред и едногласно усвоен од Советот, а во комисијата влегоа граѓаните Весна Кочанковска, Зоран Лазаровски и Никола Танчевски. Советниците за овој предлог беа едногласни, но не гласаа позитивно на барањето на демонстрантите да се отповикаат сите други одлуки поврзани со регионалната депонија донесени од 2018 година досега од страна на Советот на Битола.
Вклучувањето на протестантите во комисијата беше предлог на советникот Петар Николовски од СДСМ.
„Во овој момент сите ние како битолчани се соочуваме со еден горчлив проблем, со една еколошка бомба во непосредна близина на Битола. Ѓубриштето Мегленци што секојдневно не труе. Но, од друга страна бевме соочени со предизвикот дека мора да најдеме решение каде битолчани ќе го одлагаат отпадот затоа донесовме одлука за воспоставување на меѓуопштинска соработка со цел изнаоѓање на едно вакво решение“, рече Николовски, координатор на советничката група.
На последната седница на Советот на Општина Битола беше кажано дека до Советот стигало и барање од Координативното тело „Против депонија во Пелагонија“ за отповикување на одлуките за формирање на регионална депонија во Мегленци.
„Барањето го поднесува координативното тело кое ги види протестите. Тие бараат отповикување на сите одлуки поврзани со изградбата на регионална депонија во атарот на село Мегленци, Општина Новаци“, беше кажано на седницата. Гласањето беше негативно за протестантите.
Барањето се однесуваше на отповикување на одлука од 13 март 2018, отповикување на две одлука од 28 февруари 2025 година, отповикување на решение исто така од 28 февруари година.
Синоќа во Битола се одржа 11 протест против депонија во Пелагонија, а напомош на битолчани им дојдоа и прилепчани кои ги охрабруваа да истраат во намерата.
Тони Апостоловски од координативното тело каже дека со неповлекувањето на одлуките од страна на Советот на Општина Битола поврзани со формирањето на регионална депонија советниците „си ставаат флека за целиот живот“.
Одборот веќе почна со анкетирање на граѓаните на доброволна основа дали се „за“ или „против“ овој проект и почна да собира пари во кошница, симболично по 10 денари за трошоците на координативното тело.
„Зад нас не стојат политички структури. Да донираме по 10 денари. Во оваа битка сме оставени сами. Никој од политичарите не доаѓа. Јас да бев митрополит ќе им наредев на сите цркви да бидат камбаните за тревога“, говореше еден од протестантите.
Во Иницијативниот одбор против депонија беше кажано дека се вклучил и прилепскиот адвокат Жарко Стевановски, оти никој од адвокатите од Битола не пројавил таков интерес да им помогне во правната битка на граѓаните кои се против депонијата да се лоцира во Пелагонија.
Тие најавија блокада на патот кој води од Битола кон РЕК „Битола“. (А.Б.)