Еврокомесарите не смеат да земаат подароци над 150 евра, смеат ли нашите министри?


Во Скопје денеска се одржува тркалезна маса, насловена „Пријавување и управување со примени дарови и други погодности: каде сме и што треба да направиме?“. Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска вели дека токму ова е едно од прашањата со кое се градат механизми за отчетност и за што треба да се воведат конкретни регулативи за минимизирање на надворешните влијанија врз одлучувањето на централно ниво. 

– Во денешниот свет на испреплетеност помеѓу политиката и бизнисот, постојат повеќе предизвици за тоа како функционирањето помеѓу нив може да придонесе за влијание при носење на одредени политички одлуки. Затоа  Советот на Европа и Европската унија воведоа строги принципи кога станува збор за доделување на подароци. На пример, комесарите не смеат да примат подарок поголем од 150 евра. Доколку тоа се случи, тогаш имаат обврска да го пријават во Канцеларијата за протокол, кој води регистар за тоа кој го добил подарокот и за тоа кој го подарил, појасни Грковска. 

Според неа, ние како држава имаме обврска да ја регулираме оваа материја заради препораките на ЕУ и на ГРЕКО дека треба да има строго утврдени правила за да се избегне, во наводници, пријателството помеѓу политичарите и бизнисмените и на тој начин да се влијае на одредени одлуки и интереси што би можеле да бидат во насока на фаворизирање на одредена страна.

– Ние како кабинет до Влада предложивме пред извесно време предлог за регулирање на примањето подароци, се отвори една прилично опширна дискусија, а заклучокот беше дека треба да видиме како е тоа регулирано во земјите членки на ЕУ за да можеме да видиме кој би бил најдобриот модел за кај нас и за да бидеме усогласени. Токму заради тоа произлезе оваа соработка со ИФЕС за да добиеме анализа и врз основа на таа анализа потоа да предложиме мерки што ќе се однесуваат за кај нас, додаде Грковска.

На новинарско прашање дали имаат сознанија колку се највисоките подароци, пријавил ли подарок некој функционер кај нас, таа одговори дека нема таква информација. Таа напомена дека во изминатите неколку години се става посебен акцент на ова прашање, што доведе до тоа значителен број земји-членки на Советот на Европа да усвојат соодветни правила, насочени кон регулирање на прифаќањето и известувањето за подароците.

– Како пример, а на ниво на Европската унија, Кодексот на однесување сега бара од комесарите да ја задржат својата независност од која било национална влада и друго тело и конкретно ги ограничува нивните надворешни активности. Оттука, комесарите на ЕУ не смеат да прифатат подарок со вредност поголема од 150 евра, а доколку се случи такво нешто, обврзани се да го предадат на одделот за протокол. Секторот за протокол на Комисијата води јавен регистар на предадените подароци, заедно со идентитетот на донаторот. Специфични укажувања и препораки на оваа тема формулира ГРЕКО-Групата на држави против корупција на Советот на Европа. Во евалуацијата за Северна Македонија, ГРЕКО препорача „да се поедностават постојните правила за прифаќање подароци од лица на кои им се доверени врвни извршни функции и да се обезбедат совети за управување со такви ситуации. Во својот Извештај за општа активност за 2020 година, беше повторена важноста од воспоставување строги ограничувања во однос на подароците и другите бенефиции и беше истакнат ризикот од размена на „поволности“ во ситуации каде што има прекумерно, во наводници кажано „пријателство“ меѓу политичарите и деловната заедница, рече Грковска.

Со поддршка на ИФЕС,  биле ангажирани меѓународни експерти кои развиле неопходна споредбена студија, со која се добило увид во меѓународните практики за правилата и процедурите во врска со прифаќањето и пријавувањето подароци од страна на лица на највисоки извршни функции – вклучително и премиерот, министрите, замениците министри, државните секретари и лица избрани и именувани од страна на Владата.

– Оваа компаративна студија и дизајнирањето специфични мерки и процедури се дел од спектарот на активности за борба против корупцијата, а особено во делот на јакнење на интегритетот при извршувањето на јавните функции. Главната цел која ја имаме пред себе, е, да ги унапредуваме надзорните механизми кои ја спречуваат корупцијата и ја подобруваат транспарентноста во системот на управување во земјата. А токму ова е едно од прашањата, со кое се градат механизми за отчетност и се воведуваат конкретни регулативи за минимизирање на надворешните влијанија врз одлучувањето на централно ниво. Очекувам денешниот увид во меѓународните практики за правилата и процедурите во врска со прифаќањето и пријавувањето подароци јасно да ни покаже кои искуства се најсоодветни за да ги преточиме во домашна регулатива, децидна беше Грковска.

Инаку, во Законот за вработените во јавниот сектор се регулира и прашањето кое се однесува на забраната за примање на подароци.Според член 39 од овој закон, вработените во јавниот сектор не смеат да примаат подароци поврзани со нивната работа со исклучок на протоколарни и повремени подароци од пониска вредност.Подароци што не ја надминуваат вредноста од 1.000 денари, или подароци добиени од иста личност чијашто вкупна вредност не надминува 3.000 денари во дадена година, се сметаат за подароци од пониска вредност. Овие забрани и ограничувања, исто така, се однесуваат и на брачниот другар на вработениот, на лица кои живеат заедно со вработениот во вонбрачна заедница, на нивните деца, родители и на лица кои живеат во исто домаќинство.Подароци, пак, примени од страна на службени лица или од меѓународни организации, дадени за време на посети, гостувања или во други слични околности се сметаат за протоколарни подароци. Вработените во јавниот сектор се обврзани да ги предупредат дарителите дека подароците што ја надминуваат вредноста стануваат сопственост на работодавачот.Податоците за примените подароци, нивната вредност, дарителите и другите околности се внесуваат во евиденцијата на подароци. Во член 39 од законот се пропишува  дека начинот на располагање со подароците, начинот на управување со евиденцијата и другите прашања во врска со примањето на подароци се уредува со уредба на Владата.