Триумф на Тамара Котевска во Чикаго со „Приказната за Силјан“


Македонскиот документарен филм „Приказната за Силјан“ триумфираше на 60. издание на Chicago International Film Festival, освојувајќи ја престижната Silver Hugo Award за најдобар документарен филм. Филмот на Котевска веќе засилено го оди својот фестивалски пат, како дел од американска турнеја. Котевска учествуваше и на програмата Docs to Watch, престижна селекција на The Hollywood reporter, во рамките на SCAD Савана филм фестивал, на кој учествуваа режисери од десетте најуспешни документарци од годинава, меѓу кои е и „Приказната за Силјан“.

 „Приказната за Силјан“ е откупен од National Geographic Documentary Films, еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни остварувања.

Филмот годинава ја доби „Наградата на Музата“ за најинспиративен филм на Биеналето во Венеција, предизвика овации на преполните проекции во Торонто, а стана и македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.

„Сиљан“ е вистинска приказна со бајковиден пристап инспириран од македонски фолклор од 17 век. Филмот ја следи врската меѓу еден земјоделец – Никола, кој по земјоделската криза останува сам, и бел штрк со повредено крило што го наоѓа на депонија. Од тој момент започнува реална бајка, огледало за човечките судбини и насоката по која се движи општеството. Филмот е копродукција на Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop и продуцентите Тамара Котевска, Jean Dakar, Јорданчо Петковски и Anna Hashmi.

-Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто, посочува Котевска.

Американската UTA Independent Film Group ги обезбеди правата за Северна Америка, а на продукцискиот тим му се приклучи и Concordia Studios.

-Уште од првиот разговор со Тамара, Concordia беше all-in. Тамара е ексепционален талент – нејзината храброст, уникатна визија и безрезервна предаденост на создавање филмски дела блескаат од секој кадар на „Сиљан“. Пресреќни сме што Dogwoof ни се приклучи во тимот, вели продуцентката Casey Meurer.

Оригиналната музика за „Сиљан“ ја потпишуваат Joe Wilson Davies и Hun Oukpark, композитори од студиото на Hans Zimmer. Нивната музика, длабоко емотивна и суптилно слоена, создава звук што дише заедно со кадрите, поддржувајќи ја тивката болка, нежноста и визуелната поетика на „Сиљан“. Композициите не само што го надополнуваат наративот, туку стануваат посебен лик во филмот, невидлив, но длабоко присутен. Вклучувањето на композиторите од креативниот универзум на еден од најголемите филмски композитори во светот, преставува уште едно значајно признание за уметничкиот квалитет на филмот и за гласот на Котевска во светската документаристика.

-Чест е повторно да се соединиме со Тамара, која повторно му подари на светот кинематски дијамант – магична документарна бајка што ќе ги остави без здив гледачите ширум светот, потенцира Oli Harbottle од „Dogwoof“.

Филмот моментално е во трка за престижната награда CINEMA EYE HONORS, која игра значајна улога во изборот на кандидати за Оскар во категоријата документарен филм. Поддршката на публиката може да помогне „Силјан“ да се искачи повисоко на листата и да се приближи кон номинација за најголемото филмско признание.