Триесет уметнички дела донирани на Клиниката за гастроентерохепатологија


Донирани уметнички дела на Клиниката за гастроентерохепатологија (Фото: Б. Грданоски)

Триесет уметнички дела ќе бидат распоредени во просториите, како и во собите за пациенти на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија. Делата се донација од голем број уметници со цел подобрување на амбиентот за пациентите и медицинскиот персонал.

д-р Мери Траковска, директорка (Фото: Б. Грданоски)

На приморедавањето на уметничките дела, директорката на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, проф. д-р Мери Трајковска, рече дека замолиле што поголем број уметници да им излезат во пресрет за да го облагородат просторот на Клиниката бидејќи сметаат дека уметноста и хуманоста, како и медицината, се на иста линија. Посочи дека голем број уметници донирале свои дела.

– Благодарни сме што денеска на Светскиот ден на поезијата ја примаме оваа донација, која секојдневно ќе го разубави не само животот на вработените туку ќе им даде и друг аспект на пациентите, кои тука доаѓаат со големи проблеми. Мислам дека ќе им го олесниме престојот. Оваа иницијатива е од локален пример бидејќи јас во еден за мене тажен момент влегов на Клиниката за пулмологија и ги видов тие прекрасни слики таму и тој облагороден простор. Се договоривме тоа да го направиме и на нашата клиника – рече проф. д-р Трајковска.

Организаторот на хуманитарниот настан, кој е вработен на Универзитетската клиника за пулмологија, Сабри Азири, изјави дека уметниците донирале 30 дела за Клиниката за гастроентерохепатологија и несебично позитивно одговориле на нивното барање.

– Уметноста е нешто што треба да нè следи цел живот, треба да креираме дела, бидејќи само тие живеат вечно – рече Азири.

Сабри Азири (Фото: Б. Грданоски)

Посочи дека на 14 февруари разговарал со директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, проф. д-р Трајковска, во врска со донацијата на вакви слики на Клиниката за пулмологија, каде што тој е вработен.

Според него, сликите влијаат на расположението на пациентите.

– Менаџментот на Клиниката за гастроентерохепатологија во знак на благодарност на уметниците ќе им подари брендирани пенкала и ќе им бидат врачени благодарници – рече Азири и додаде дека во иднина планираат да организираат донации и за други оддели во Клиничкиот центар.

Уметникот Данчо Ордев изјави дека голем број уметници секогаш се подготвени да донираат свои дела за клиниките и дека му е задоволството да помогне некому.

Меѓу уметниците што донираа свои дела за Клиниката за гастроентерохепатологија се: Данчо Ордев, Гоце Божурски, Игор Мишев, Томе Мишев, Дејан Иванов Маргуш, Стефан Хаџи-Николов, Боро Арсовски, Марјан Стојаноски, м-р Емилија Тоциновска, д-р Стојче Тоциновски, Горан Боев, Павле Кузманоски, Невзат Кица, Решат Амети, Владимир Темков, Бурхан Ахмети, Здружението за уметност и култура „Силиндарт“ од Гостивар, Акиме Насуфи-Реџепи, Дренуша Пашоли, Ванеса Ода, Лида Шарафатманд, Владимир Лазоски, Тасим Кадрија, Ардијан Кадрија, Имран Зимери, Џоко Антониев и Дејан Божиновски-Коска.