Тридневна новогодишна бајка „Планетата Ѕвездалија“


Во Паркот на Франкофонијата и Мобилната галерија на Центарот за современи уметност – Скопје, од вчера, започна тридневната новогодишна бајка „Планетата Ѕвездалија“.

Посетителите беа пречекани од актерите од Театарот „Златен Елец“ (Бобан Алексоски и Димитрина Мицкоска), кои заедно со Снежната кралица (Цветанка Вељковска) изведоа интерактивна претстава работена според „Сликовницата на Халки“.

-Многу се радувам што ја имаме честа три дена да ве водиме низ планетата Ѕвездалија. Преку театарска форма, низ приказните од сликовницата на Халки, учиме за вистински вредности, украсуваме колачи, правиме лампиони и пишуваме писма до Дедо Мраз. Ги покануваме сите дечиња кои сакаат да се забавуваат да дојдат и заедно да испишеме убава новогодишна приказна што ќе се раскажува – вели актерката Мицкоска.

Проектот се темели на важните теми за денешните деца: инклузија, другарство, прифаќање, еко-свест, бон-тон и читањето книги како важна навика. Низ перформансот активно е вклучено и љубопитното слонче Халки.

-Слоновски сум среќен што годината ја испраќаме со многу научени лекции за многу важн прашања што ги учиме од најмала возраст. Се надевам дека и во 2022 година ќе се придружуваме до она што го научивме и заедно ќе градиме нови трајни вредности – порача дружељубивиот Халки.

„Планетата Ѕвездалија“ има силна едукативна и креативна компонента, која беше препознаена од најважните – децата. Тие со радост и во голем број учествуваа на ѕвезденитa работилницa за исцртање на функционалните колачи 4U, под менторство на Емилија Ќипроска – графичка дизајнерка, како и на онаа за изработка на лампиони од природни материјали со ликовниот уметник Доротеј Нешовски. 

Писателката Ана Голејшка Џикова е задолжена за пишувањето писма до Дедо Мраз и за најубавите и најѕвездените пораки и желби на децата, кои по завршувањето на целиот настан ќе бидат и објавени.

Учениците од ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ ги водат креативните работилници за честитки и цртежи кои стануваат и дел од ѕвездената сценографија на „Планетата Ѕвездалија“.

За сите кои сакаат да бидат дел од новогодишната бајка  на „Планетата Ѕвездалија“, интерактивната програма продолжува и денеска и утре (27 и 28 декември) од 17-20 часот.