Три можни сценарија околу војната во Украина
На годишнината од руската инвазија не само што е неизвесен развојот на војната, туку е неизвесно како би изгледале и Украина и Русија
На три дена пред годишнината од „специјалната операција“ во Украина, до јавноста се обратија најнапред претседателот на Русија, Владимир Путин а потоа од Варшава и претседателот на САД, Џо Бајден. Рускиот лидер за прв пат наместо изразот „специјална операција“ го употреби изразот „војна“, инаку претходно забранет од страна на режимот со можност за кривична одговорност. Путин го употреби изразот за да ја префрли одговорноста за конфликтот на страна на западните сили. Истакнувајки дека Западот го провоцирал конфликтот во Украина, „и ја примора Русија да се брани уште од 2014“. Патем додаде дека „ сегашниот украински режим не им служи на националните интереси на Украина туку на трети држави“. Еден ден подоцна од исполнетиот стадион „Лужники“ во Москва каде беше организиран патриотски концерт по повод денот за одбраната на татковината со целокупната патриотска иконографија, се појави Путин со пораката: „ Ние само ги браниме историските граници на Русија“, извикувајки три пати „ураа“, и „Русијааа“.
Одговорот од американската страна дојде од претседателот Бајден и тоа од пред платото на кралскиот дворец во Варшава. Тој му порача на својот руски ривал: „Украина никогаш нема да биде победа за Русија – никогаш!“ Тој продолжи: „Кога Русија ја нападна Украина, тоа не беше само предизвик и тест за Украина, туку и за Европа, САД, НАТО и воопшто за целиот свет. Едноставно, тоа беше тест за сите демократии на денешнината“. Бајден индиректно се самопрогласи за лидер на демократскиот свет, на што му забележаа некои европски експерти дека тоа премногу мирисало на „судир на цивилизациите“, бидејки ги заборави Бразил, Индија, Јужна Африка итн. Меѓутоа Бајден поентираше со евоцирањето на зборовите на Џон Кенеди искажани во јуни 1963 во Берлин: „Сите слободни луѓе или оние што така живеат се граѓани на Берлин. Според тоа јас сум горд да кажам – Ich bien ein Berliner (Јас сум берлинец)“, рече тогаш Кенеди. Бајден со фразата „Јас сум граѓанин-римјанин“ асоцираше на античкиот свет и припадноста кон слободниот свет. Со отворената реторика и спротиставување без пардон Бајден покажа дека „Америка овој пат дирекно ја гледа Русија во очите“.
Во овие драматични денови за Киев и Москва,се добива впечаток дека војната се премести од теренот на рововите и ракетите на теренот на дипломатските арени. Се соочија две сили, двајца кои наметнаа спротиставени реторики, искажаа две инакви визии и најавија нова студена, а искрено и жешка војна со која го заплашија светот. Општа е загриженоста за светскиот мир, особено по најавата дека Русија ќе го суспендира учеството во Нов СТАРТ договорот за нуклеарното разоружување.
Дали треба да се подготвиме за најлошото? Каква ќе биде иднината на Украина? Што очекува Русија? Какви се изгледите на Европа како целина? Каква ќе биде улогата на Кина? Додека најлошото никогаш не е извесно, не е нужно и најверојатно deja vu сценариото. Со овој конфликт кој сѐ повеќе се интензивира, не треба да се исклучат ниту големите прекини ниту неочекуваните катастрофи. Војната во Украина не е завршена. Но, ништо не упатува дека ќе продолжи како што почна. Една година по почетокот на руската инвазија, се наметнуваат неколку можни сценарија. Првото сценарио се однесува на воениот успех на Украина со кој Киев би ги повратил источниот дел на територијата, кој сѐ уште е под руска окупација, како што беше есенската успешна офанзива со која беа ослободени неколку значајни позиции околу Херсон и Харков. Второто сценарио се однсува на можните руски воени успеси на југот и северот на Украина и целосното заземање на Донбас. Третото сценариото резултира од нерешениот, но смртоносен конфликт од големи размери, кој трајно би ја дестабилизирал европската колективна безбедност. Сепак, овие можни сценарија не го исцрпуваат опсегот на сите алтернативни излези од војната како и евентуалноста на мешовити сценарија. Да ги разгледаме поединечно овие три сценарија.
Сценариото на маршал Манерхајм
Воената хиерархија во Москва првично процени дека ќе бидат доволни неколку дена за да се постигне целосната победа. Путиновиот напад, чија цел беше враќање на поранешната територија на царската империја, навлече широка меѓународна осуда и реакција кон современиот руски император. Војната е тежок и трагичен настан, во која Украинците изгубија илјадници воени и цивилни жртви, но решително се спротиставија кон моќниот завојувач. Руската страна по цена на бројни тешки човечки, економски и дипломатски губитоци успеа да заземе дел од територијата на Украина.
Меѓутоа една година подоцна, со околу 100.000 загубени животи и многу оружје, ослабени економски, финансиски и воени позиции, исчезна оптимизмот од февруари 2022а а со тоа се сменија и воените цели на Русија. Киев не падна за десет дена, туку напротив украинската армија половина година подоцна поврати дел од окупираните територии. Сценариото за кое сега мечтае екипата на Путин е „добро е познато“ од историјата на Русија. Тоа сценарио асоцира на војната со Финска пред 84 години. За време на Зимската војна (ноември 1939 – март 1940), СССР ја нападна Финска, која се стекна со независност откако болшевиците ја презедоа власта во Русија во 1917. Советската агресија следеше по неуспехот на советско-финските преговори за создавање тампон зона со која би се заштитил Ленинград. Истата одредба фигурира и во пактот Молотов-Рибентроп, со кој Финска е вметната во советската зона на влијание. Тогашната советска агресија врз Финска предизвикала исклучување на СССР од Лигата на народите.
Независно од жестокиот отпор против четири пати побројната советска армија, поради исцрпувањето на резервите на муниција, Хелсинки беше принуден да отстапи голем дел од Карелија, клучен стратешки регион на Финска. Склучувањето на договорот меѓу Финска и СССР, потпишан по убиствената војна, му должел многу на авторитетот на финскиот маршал Манерхајм, кој ги повикал своите војници да ја прифатат болната отстапка, заради суверенитетот и финската независност. Поаѓајки од овој наратив се наметнува дилемата: дали одредени владејачки кругови во Киев го подготвуваат националното мислење за губење на дел од територијата на земјата со цел да се избегне зголемување на човечките жртви за Украинците, што би одговарало на еден вид „Манерхајмски момент“. Засега опфицијален Киев решително вели дека „Украина ќе победи“, а мировниот план на претседателот Зеленски е „безусловно повлекување на руските сили од окуираните територии, вклучувајки го и Крим“. Сепак експертите сметаат дека повеќе се работи за воени цели, а не за мировен план.
Во декември 2022, началникот на Генералштабот на армијата, Валери Залужни, побара од западните сили да ѝ обезбедат на Украина што е можно побрзо 300 тенкови, 600-700 борбени возила за пешадија и 500 хаубици. И покрај најавата за испорака на тенкови „Леопард“ од германско производство, американските „Абрамс“ и британските „Челинџер 2“, не е сигурно дека ова оружје ќе биде испорачано навреме за да се закочи нова руска офанзива. Покрај тоа, разновидноста на опремата создава логистички тешкотии за армијата. Секое воено лице знае дека на армијата ѝ се потребни исти типови оружја, а не разновиден материјал. Во такви услови и снабдувањето со резервни делови е покомплицирано за организирање додека некомпресибилното време за обука соодветно ја одложува ефективноста на армираното засилување.
Во случај на украински неуспеси на теренот, претседателот Зеленски веројатно ќе биде одговорен пред јавното мислење за можните воени неуспеси. Повеќекратните оставки и отпуштања во последните недели поради корупциските скандали, се можеби манифестација на пригушени внатрешни препукувања што сè уште не се појавија, но бликаат одоздола. Сето ова може да доведе до дефект на постојаната стратешка положба на Украина.
Сценариото на употреба на електромагнетното оружје
Додека во Донбас се одвива крвавата битка кај Бахмут, украинскиот Генералштаб веќе неколку недели ја предвидува можноста за нова моќна руска офанзива, не само во Донбас, туку и од север. Се претпоставува дека оваа операција ќе биде од руските воени сили, но не се исклучуваат ни белоруските. Освен неколку помошници и специјалисти на одредени профили, се очекува дека вооружениот придонес од Минск ќе биде слаб.
Од друга страна, вистински предизвик би било започнувањето на нова руска офанзива од територијата на Белорусија. Овој напад би бил насочен кон Киев, кој е на само 150 километри од границата… освен ако целта не е да се спречи испораката на западно оружје, со позиционирање на полско-украинската граница. Без разлика дали целта е едната или другата, Русите би можеле да активираат електромагнетна импулсна бомба со висока јачина во близина на Лавов, клучниот град во западна Украина, кој се наоѓа во близина од полската граница. Ефектите би биле поразителни за остатокот од војната. Навистина, со ослободување на електромагнетен бран со висока амплитуда би ги направила електронските уреди нефункционални неколку десетици километри наоколу. Соодветна рамка е да се започне офанзива во стратешка магла и да се нападне украинската армија одзади. Ваквиот развој на настаните може да има и значителни несакани ефекти за полските и балтичките соседи, како и за испораката на оружје. Помалата понуда на оружје, заедно со заморот на европското јавно мислење, би претставувало прекин кој очигледно би го ослабнал украинскиот камп. Најсигурниот начин да се постигне ова сепак би бил да се активира атомска бомба не на земја, туку на голема надморска височина, истакнуваат двајца француски аналитичари Флорен Пармантие и Сирил Брет.
Сценариото за неконтролирана ескалација, сè до нуклеарната?
Австралискиот историчар Кристофер Кларк покажа како синџирот на одлуки доведе до Првата светска војна, без ниту еден актер однапред и по секоја цена да бара војна. Овој страв од неконтролирана ескалација без сомнение делумно ја објаснува претпазливата политика на Германија кон руско-украинскиот конфликт, од Ангела Меркел до Олаф Шолц. Сценариото на ескалација се храни пред се со говори и идеи. Вербалното наддавање сочинува вистинска „реторичка замка“ која ги ограничува актерите. Постојаното повикување на „Големата патриотска војна“, на „враќањето на историските територии“ од руска страна ја потхранува есхатолошката визија за конфликтот. Имено токму низ таквата реторика се доведува под знак на прашање опстанокот на Русија. Во таков случај се подразбира дека прибегнувањето кон нуклеарната енергија, како последно средство, мора да се предвиди. Надвор од реториката, испораките на оружје за Украина очигледно ја поттикнуваат оваа ескалација. Постепено, првите испораки овозможија да се маргинализира советско оружје, потоа дојде до снабдување со оружјето според НАТО-стандардите. Испораката на ХИМАРС и „Цезар“ се совпадна со подготовката за успешната украинска контраофанзива наесен. Совршено е логично Украина да бара уште поголема поддршка за вооружување. По тенковите, следниот чекор не би бил испраќање авиони?
Во оваа ситуација, од двете страни постои верба во победата и длабок страв од изгледите за пораз. Од аспект на Русија, поразот би го довел режимот во омаловажување и би можел да доведе до негов пад, па дури и до распаѓање на земјата. За Украина, поразот не само што би означил крај на сонот на Украина за нејзината целовитост и излез на Азовско море и враќање на Крим и Донбас, туку и понижување на НАТО, што би можело да ја поттикне Русија и другите актери како Кина, да започнат дополнителни напади во догледна иднина. На пример, кон Тајван.
Кога за сите инволвирани страни, победата се чини можна, а поразот катастрофален, дали треба да се плашиме од ризикот од нуклеарно оружје? Она што е сигурно е дека сегашниот период е период на „нуклеарна ранливост“, концепт кој ни овозможува да ја земеме предвид материјалната димензија на нуклеарниот ризик. Нема заштита од нуклеарни експлозии, било да е намерни или случајни, но и улогата на среќа, нема големо значење.
Нуклеарниот страв беше многу присутен за време на борбите околу електраната Запорожје во август 2022 година, но заканата од употреба на тактичко нуклеарно оружје исто така редовно се покренуваше во критички моменти од страна на руските власти, со цел да се импресионира европското јавно мислење. Употребата на такво оружје во Украина не би можела да ги остави САД без реакција, без тие да отидат до нуклеарен одговор против руска територија. Останува фактот дека би биле во невидена ситуација и соочени со пароксизмална опасност. Овие три сценарија денес немаат голема веројатност. Но, ризиците што ги носат се толку големи, особено за последните две сценарија, што е неопходно да се имаат на ум предизвиците со кои се соочува нашата и идните генерации.
(Нано Ружин е универзитетски професор и поранешен амбасадор)