„Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска е Роман на годината за 2025 (фото)
Мислам дека нашите книжевни писма всушност треба да ги прпелкаме во книжевните писма на нашите претходници како во некој шеќер во прав“, рече Ќорвезироска на денешното соопштување на наградата
Романот „Три Марии“ на писателката Оливера Ќорвезироска во издание на „Арс Либрис“ е добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2025 година која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности, „Славко Јаневски“.

„Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, е мајсторски напишан роман, во кој секој лик е внимателно изграден и секој детаљ има важно место во мозаикот на приказната. Во трите приказни од кои е составен романот има по една Марија како главен лик, а лајтмотивот што се протега низ книгата е топосот на станот во кој се поврзуваат отсечките на животите на протагонистките. Сите три приказни започнуваат со вртоглава брзина, од смртта на Марија Пребирлиева, преку потрагата по стан на Марија Зара, до драматичниот повторлив сон на Марија Деспотовска Солев. Потоа, преку ретроспектива, сите се враќаат назад низ времето за да ја доведат протагонистката до критичниот момент во животот“, се вели, меѓу другото, во образложението на жирито.

Во конкуренција за оваа престижна книжевна награда која во земјава годинава се доделува по 27 пат, беа 46 романи, а одлуката со мнозинско тајно гласање за нејзиното доделување ја донесе жири комисијата по пет состаноци, која ја сочинуваа: Калина Малеска (писателка и минатогодишна лауреатка), Иван Антоновски, Ивана Трајановска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“).

Во најтесниот избор за наградата , годинава влегоа и романите: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска („Арс Либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или – или“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“).
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител веќе деветта година е Комерцијална банка АД, Скопје, која и оваа година обезбеди финансиска поддршка од 360.000 денари, од кои 150.000 денари се парична награда за лауреатот, а останатиот дел е наменет за паричен надоместок за членовите на жири-комисијата, за плакета и оригинална статуетка.

„Оваа награда без дилема е своевиден трофеј за литературните дејци во земјава. Изборот „Роман на годината“ е вистински празник за македонското литературно творештво и затоа Комерцијална банка е навистина горда на својот придонес не само за одржување на оваа манифестација, туку и на вредностите и стандардите што ги наметна“, истакна денес на пресот во ДПМ, м-р Андреј Јовковски, директор на Самостојната дирекција за маркетинг во Комерцијална банка, по повод објавувањето на добитникот.

Ќорвезироска, денес, се заблагодари на „Две Марии“ од Славко Јаневски, од каде тргна инспирацијата за нејзиниот роман„ Три Марии“ .
„Сакам да се заблагодарам на сите претходници во македонската книжевност со кои што искрено се занимавам со децении наназад. Претходници кои што сакам да ги ревалоризираме, да останат незаборавени и да останат трајно впишани во нашата национална книжевност. Сакав нивните зборови да се тркалаат како џамлии во нашите реченици од другите генерации. Сакав и постојано ќе продолжам така да мислам дека нашите книжевни писма всушност треба да ги прпелкаме во книжевните писма на нашите претходници како во некој шеќер во прав“, рече, меѓу другото, Ќорвезироска на денешното соопштување на наградата.

Оливера Ќорвезироска (1965, Куманово) живее и работи во Скопје како уредник. Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Наградата „Стале Попов“ по втор пат ѝ беше врачена годинава и тоа за романот „Три Марии“, кој е нејзин трет роман за возрасни. За истиот роман, Оливера го доби и Рациновото признание. Оливера Ќорвезироска е член на ДПМ и на Македонскиот ПЕН –центар.
Годинава свеченото врачување на наградата за романот „Три Марии“ на Оливера Ќорвезироска ќе се одржи во средината на мај. (Л.С.)