Третина од Шпанците не можат да си дозволат летен одмор

Многумина, соочени со поскапувањето на основните потреби, немаат пари да платат туристичко сместување, ресторани и тури кои поскапеа летово


Околу  33,5 отсто од населението на Шпанија не може да оди на одмор поради сиромаштија, објави шпанската јавна телевизија ТВЕ, повикувајќи се на податоци на Државниот завод за статистика и изјави на граѓани.

Многумина, соочени со поскапувањето на основните потреби, немаат пари да платат туристичко сместување, ресторани и тури кои поскапеа летово. Некои работници го користат летото за да заработат повеќе пари во земја во која летуваат многу странци, поради што немаат време за одмор.

Сара, вработена во пекара во Севиља, летува дома, на работа и на градскиот базен. Таа сепак успеа да оди на блискиот брег овој месец.

„Отидов на море два-три дена бидејќи моите пријатели имаат стан во Хуелва, па ме поканија. Платив само храна“, вели таа.

Сара забележува дека „сè поскапе“ па едвај успева да ги плати сметките. Во пекарата забележува невообичаено голем број луѓе кои влегуваат, што вообичаено не е случај во август, кога Шпанците го напуштаат градот.

„Поради толку голем број луѓе, ја оставивме пекарата отворена во текот на летото“, забележува таа.

Во провинцијата Андалузија, чиј главен град е Севиља, минатата година дури 45 отсто од жителите не можеле да си дозволат еднонеделен одмор на море, покажува истражувањето спроведено од статистичкиот завод во 2022 година.

Дури 21 отсто од жителите во Мадрид и неговата околина немале пари за летен одмор. Минатото лето инфлацијата во Шпанија беше 10 проценти, а иако оттогаш се стабилизира, цените се уште се превисоки за многумина, пренесува Хина.

Виктор, исто така жител на Севиља, заработува 1.200 евра месечно за издржување на својата невработена сопруга и деца од четири и пет години. „Мојата сопруга не може да работи бидејќи имаме многу мали деца. Ако се вработи, ќе мора да платиме некого да ги чува децата“, објаснува Виктор.

Со оглед на тоа што го отплаќа кредитот за станот, а поскапеа и водата и струјата кои се неопходни за опстанок во Севиља каде температурата е 40 Целзиусови степени, тој месечно има на располагање 400 евра.

„Немам заштеда, а наскоро доаѓа септември, па морам да му купам училишна опрема на детето“, вели тој. Европската асоцијација на синдикати минатата година спроведе истражување според кое 4,6 милиони шпански работници немаат пари да одат на море.

За многу работници во медитеранската земја со 47 милиони жители, одењето на плажа сега е утопија бидејќи летните одмори станаа уште поскапи.

Од април до јуни цените на сместувањето се зголемени за 19,2 отсто во однос на истиот период во 2019 година, пред избивањето на пандемијата на коронавирус, објави туристичката агенција Екселтур. Туристичките патувања поскапеа за 17,4 отсто, а рестораните ги покачија цените за 15,2 отсто.

Рецепционерката Кармен работи во хотел во Барселона, еден од најскапите градови. Таа се уште не била на одмор, а не ни размислува за тоа со оглед на нејзината финансиска состојба. „Додека служам гости, ги гледам како се релаксираат и уживаат, па се чувствувам како роб“, забележува таа.

Сара е фрустрирана и во пекарата во Севиља. „По цел ден на Инстаграм гледаш туѓи фотографии и што прават, а не можеш“, вели резигнирано.