„Трета среќа“ за зградата на Еуростандард банка: Колку вреди реално?


 

Зградата на Еуростандард банка во строгиот центар на Скопје утре изутрина ќе се понуди на ново, трето по ред јавно наддавање, во обид да најде нов сопственик, а од прибраните пари да се обесштетат доверителите на пропадната банка.

Дали овој пат продажбата ќе биде според народната „трета среќа“ ќе покаже аукцијата закажана за девет часот изутрина, но и подготвеноста заинтересираните да понудат добра цена. Според јавниот оглас објавен на страницата за е-аукции, проценетата вредност на зградата е 8,4 милиони евра, односно 520 милиони денари, но во огласот не е наведено дека тоа е и минималната почетна цена.
За зградата нема загарантирана цена, односно почетната понуда е нула денари. Како понудувач се јавува стечајниот управник Маринко Саздовски. Наддавањето ќе трае 30 минути, но може да биде продолжено за десет минути доколку има понуда во последните 10 минути или помалку од 10 минути.

Целата понуда може да се види на следниот ЛИНК.

На претходните две аукции, како што се дознава, и покрај тоа што имало заинтересирани компании за атрактивниот недвижен имот, тие сепак биле прогласени за неуспешни. На првото наддавање имало две заинтересирани компании, а на втората една.

Денеска до медиумите беше испратена и реакција за проценетата вредност на зградата во кое се вели дека е преценета и дека тоа е причината за неуспешните наддавања.

Во дописот до медиумите се посочува дека „неуспешните досегашни аукции според експертите за проценка на недвижен имот водат кон заклучок дека можеби вредноста на овој објект е преценета, а следствено на тоа и индиректно да се претпостави дека некој намерно го кочи процесот на обесштетување на депонентите“.

Во реакцијата се повикуваат на проценка која ја направила ревизорската куќа „РСМ Македонија“, при што се вели дека „реалната вредност не кореспондира со она што неофицијално се бара од 8,4 милиони евра“.

Објектот има вкупна површина од 3.489 квадратни метри, во кои влегуваат 1.512 м2 под земја наменети за трезор, архива, помошни простории и 20 паркинг места. Канцеларискиот простор е 1.977 м2. Објектот ревизорската куќа РСМ Македонија го проценува на 5,3 милиони евра, се вели во дописот. „РСМ Македонија“ инаку е дел од „РСМ Интернатионал“, компанија која дава ревизорски, даночни и консултантски услуги присутна во 123 држави.

„Објектот не се продава парцијално туку целосно, и навистина станува збор за голем износ на средства за македонски услови кои треба да се издвојат за овој деловен објект“, се посочува во реакцијата при што се додава дека вредноста на деловната зграда на Еуростандард банка треба реално да се процени и да се продаде според пазарни услови, а од добиените средства сите доверители штедачите, Фондот за осигурување депозити, државата да ги добијат своите средства.

Инаку, за аукцијата минатиот месец се произнесоа и од Здружението на оштетени штедачи во Еуростандард банка, кои посочија дека зградата е „една од малкуте останати вредни имоти кои не се украдени поради фактот што не можела и физички да биде украдена додека била и останала во сопственост на самата банка“.

„Нејзината вредност останува да биде како утеха за оштетените депоненти, граѓани и фирми, дека сепак има останато нешто вредно од банката и дека не е се украдено“, рекоа тогаш од Здружението.

Од Здружението на оштетени штедачи рекоа и дека „главната зграда на Еуростандард банка беше симбол за стабилност и сигурност, верба во банкарска институција со која може да се соработува“.

„Оштететните депоненти, граѓани и фирми, имаат можност да ги повратат барем еден дел од нивните украдени пари преку продажба на атрактивната зграда на Еуростандард банка. Таа е една од малкуте вредни имоти кои останаа во рамките на стечајната маса и која сега се нуди за продажба. Тоа е можност за сите заинтересирани домашни и странски субјекти да навремено достават банкарска гаранција или да извршат уплата на депозит за учество на јавната електронска продажба на зградата согласно условите наведени во огласот. А огласот кажува дека електронското надавање за главната зграда на банката е закажано и ќе се случи на 15 март оваа година. Сите оштетени депоненти од Еуростандард банка посакуваат успешно идно користење и берикет на најдобриот понудувач и купувач на зградата“, порачаа од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.