Трет ден комисиска расправа за ребалансот на Буџетот: Дали инфлацијата е увезена или е „домашна“


Фото: Б. Грданоски

Комисијата за финансирање и Буџет денеска ја продолжи расправата за ребалансот на Буџетот, во рамки на 38-та седница.

На третиот ден од расправата, членовите на Комисијата од владејачкото мнозинство потенцираа дека со ребалансот се проектираат повеќе средства од буџетот за поддршка на стандардот на граѓаните и се поддржува економска активност, а од опозицијата остануваат на ставот дека буџетот е нереален, несоодветно димензиониран и се полни единствено на грбот на граѓаните.

Пратеникот од ГРОМ Љупчо Пренџов рече дека при носењето на Буџетот за 2022 година, актуелниот премиер Димитар Ковачевски, тогашен заменик-министер за финансии, рекол оти во новиот Буџет нема предвидено ниту едно евро непродуктивни трошоци, а сега вели дека Владата се откажува од 200 милиони евра непродуктивни трошоци.

– Поразително е тоа што предвидувате најнизок раст во регионот, односно 4,6 проценти. А уште попоразително е што за 30 отсто ги намалувате проекциите. Од 4,6 имаме 3,2 проценти. Стапката на инфлација, која ја предвидовте со четири кризни состојби во државата, е 2,4 проценти, а сега истата ја предвидувате на 7,2 отсто. Јас најодговорно тврдам дека оваа ставка од 7,2 нема да биде толку, туку многу повеќе. Во државата се е покачено за околу 20 отсто, рече Пренџов,

Тој смета дека инфлацијата не е увезена, дека таа кај нас почнала 40 дена пред да започне во еврозоната.

– Буџетскиот дефицит го предвидовте на 4,3 проценти, а сега го кревате на 5,3 отсто, забележа Пренџов.

Според него, Владата не мисли на сите граѓани во државата туку само за членовите на СДСМ и ДУИ.

Заменик-министерот за финансии Филип Николоски во одговор до Пренџов рече дека инфлацијата е глобален проблем.

– Точно дека кај нас инфлацијата е 11,9 проценти. Деновиве излезе податок и за Србија. Таму е 10,4 отсто. Да не заборавиме дека и другите земји во регионот во месец април имаа инфлација над 12 проценти. Точно е дека цената на горивата растат, но растат и во другите држави. Некој спомна дека пред 14 години цената на нафтата била 140 долари за барел, а сега е 120 долари за барел. Зошто е сега повисока? Битно е да знаеме дека пред 14 години доларот беше многу низок во однос на еврото. Сега доларот е скап во однос на еврото, претворено во денари е над 50 денари, а тогаш беше 44 денари за еден долар, појасни Николоски.

Тој посочи дека јавниот долг се движи во рамките на мастришкиот критериум. Николоски рече дека биле вратени 770 милиони евра, плус камати.

– За следната година, треба да вратиме 440 милиони евра за еврообврзница издадена 2016 година, посочи заменик-министерот за финансии, кој рече дека, покрај кризата, долговите навремено се враќаат.

Николоски потенцира дека сега е време да се спаси економијата и предвидени се пари за оние на кои им е најпотребно. Тој рече дека со ребалансот се предвидени пари за зголемување на пензии и плати.

За ребалансот на Буџетот,  поднесени се 204 амандмани, од кои ВМРО-ДПМНЕ над 170, Алијанса за Албанците 28, владејачкото мнозинство два амандмани.

Прекројувањето на државата каса предвидува приходите да изнесуваат 245,8 милијарди денари, а расходите 288,5 милијарди денари.

Расправата за Буџетот, ќе продолжи по паузата, односно во 15 часот.