Тренчевска: Прашањата со синдикатите се решаваат само преку дијалог


 Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се сретна со претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Дејановски, како и со дел од вработените во Центрите за социјална работа. Средбата беше одржана во пресрет на утрешниот најавен протест од страна на синдикатот. Фокусот на разговорите на средбата, како што информираат од МТСП, беше во насока на барањата за покачување на платите на вработените, регресот за годишен одмор како и бенефицираниот стаж.

-Тренчевска на средбата посочи дека синдикатот е веќе информиран дека за барањата кои повторно се тема на дијалог, односно покачувањето на платата и регресот се веќе прашања на кои се работи. Таа истакна дека со измена на законот во основната плата ќе влезе и минималната плата, додека пак во однос на прашањето за регресот за годишен одмор веќе е дискутирано дека оваа година ќе има исплата. Исто така Тренчевска информираше и за работата на Проектот за подобрување на социјалните услуги каде што е предвидено во рамки проектот да се изготви решение за бенефицираниот стаж и дека и тоа треба да биде реализирано, соопштуваат од МТСП.

Министерката на средбата посочи и дека протестите се легитимно право, но оти предизвиците се решаваат само преку дијалог. Таа истакна дека интересот на вработените во системот за социјална заштита за неа е приоритет, оти секогаш е подготвена да ги сослуша барањата на работниците, како и дека само преку дијалог може да се дојде до вистинско решение.