Требаше храброст за бизнис, сега жените се посамоуверени: Интервју со Лидија Трипуноска, агенција „Марили“

Економската криза ги натера и жените менаџери многу посилно да се борат за опстанок и развој на своите бизниси, но и ги извлече на површина сите способности за адаптација, трансформација и прилагодување, вели генералната менаџерка на агенција „Марили“


„Економски перспективи за предвидлив развор“ е темата на вториот „Марили бизнис форум“ кој годинава се одржува во Скопје на 27 мај. На форумот ќе се разговара за енергетските предизвици како нови можности во економијата, за политиките, практиките и моделите за одржлив развој во земјоделството и прехранбената индустрија. Исто така, фокус ќе биде и личната трансформација како клуч на успехот на менаџерите во иднина. Целта на форумот е да понуди пристапи во справувањето со енергетските предизвици, да овозможи размена на искуства за начините на менаџирање на компаниите во услови на криза, да сподели визии за одржлив развој, да се идентификуваат вештините што менаџерите треба да ги поседуваат во
иднина и да се нагласи поентата на личната трансформација во современи услови на работење и брзи промени.

На форумот, како говорници, се појавуваат истакнати економски и финансиски советници и бизнисмени од земјата, но и од Косово и Србија.

Агенција „Марили“ веќе 27 години со своите проекти го поддржува и промовира успехот на жените во бизнисот. Единствени се на овие простори кои организираат „Избор на најуспешни жени менаџери“ на кој што се доделуваат награди на најуспешни жени менаџери, а од минатата година вклучени се и менаџерки од регионот. По повод најавениот „Марили бизнис форум“ и Изборот на најуспешни жени менаџерки разговаравме со Лидија Трипуноска – генерален менаџер на агенција „Марили“.

 

Госпоѓо Трипуноска, „Марили бизнис форумот“ годинава се одржува по втор пат  и повторно има регионален карактер. Какви се искуствата од ланскиот форум и има ли заинтересираност кај менаџерките од регионот за учество?

Минатата година го поставивме овој проект со цел подобра комуникација и соработка на менаџерките од „Марили Бизнис Клуб“, но и пошироко, а темите беа насочени кон женското лидерство и личниот менаџмент на жените во бизнисот. Но, беа поставени и актуелни економски теми кои исто така предизвикаа голем интерес, со оглед на поддршката што ја имавме од државните институции и стопанските комори,  а тоа пак создаде одличен фидбек кај сите присутни, особено кај гостите од регионот. 

Оваа година се посветивме на теми коишто се актуелни, суштински и горливи и ги засегаат сите менаџери, со оглед дека веќе зборуваме за справување со сериозна економска криза. Секако, на овие теми има расположение и кај менаџерите од регионот и тие ќе бидат присутни на Форумот како панелисти и заеднички ќе ги разгледаат проблемите и ќе се обидат да дадат решенија на краток и подолг рок, ќе отворат можности за заемна соработка, а ќе и дадат визии за иден развој. 

 

Една од темите на Форумот се енергетските предизвици. Кои се очекувањата за понатаму и дали нашите бизнисмени сакаат да влезат во бизнисот со производство на енергија од обновливи извори? 

Една од темите е посветена на енергетиката и гласи „Енергетски предизвици – нови можности во економијата“. Бидејќи сите се соочуваме со сериозна енергетска криза која ги предизвика сите финансиски шокови и инфлаторни спирали, согледувањата на овој Форум ќе бидат околу оваа проблематика од повеќе аспекти.

Ќе се разговара каква е поддршката од монетарната економија за зеленото кредитирање, какви се согледувањата во однос на фискалната политика, како и за стратегиите на државата за развој во овој сектор, усогласено со Европскиот енергетски развој. кој е насочен пред сѐ кон производство на електрична енергија од обновливи извори. Секако, тука ќе бидат присутни и претставници од реалниот сектор коишто конкретно имаат искуства во инвестициите во обновливи извори на енергија,  но имаат и согледувања за тоа како се применуваат практиките од регионот и светот во оваа област. 

 

Многу од говорниците на годинашниот Форум се од секторот на производство и преработка на прехранбени производи. Успеваат ли наште фирми да се снабдат со доволно суровини за преработка со оглед на падот на производството и пречките кои го следеа увозот поради ковид пандемијата и случувањата во Украина? 

Еден од панелите е посветен и на земјоделското производство и прехранбената индустрија и гласи „Политики, практики и модели за одржлив развој на земјоделството и прехранбената индустрија“. 

Со оглед дека севкупната економска криза произлегува и од прехранбената криза, односно од прекинот на синџирите на набавка на суровини за прехранбената индустрија, секако дека панелистите ќе ги дадат своите согледувања, секој од својот сектор, за предизвиците со коишто се соочуваат целиот овој период. Ќе говорат и за тоа какви се нивните искуства и предвидувања за периодот што следи и како да ја пресретнеме 2024 година. На овој панел се присутни претстваници од мелничко – преработувачката, пекарската, млечната, месната индустрија, но и панелистка од регионот која ја поседува најголемата агроберза на овие простори за снабдување со суровини, потребни за прехранбената индустрија.

 

Таа ќе ги даде своите сознанија за битката којашто на дневна основа се води на берзанските пазари за обезбедување поевтини суровини за производство на храна, но истовремено и за соработката со нашата земја и можностите за продлабочување на истата. Секако, бидејќи се работи за исклучително суштинска и комплексна тема која треба да го поттикне зголемувањето на земјоделското производство во нашата земја и поголем напредок на прехранбената индустрија, панелистите ќе ги дадат своите визии за подолгорочен развој. 

 

Жените менаџерки се во фокусот на вашата работа. Какво е нивното искуство во однос на бизнис предизвиците? 

Агенција „Марили“ веќе 27 години со своите проекти го поддржува и промовира успехот на жените во бизнисот. Поставена е манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ каде се доделуваат награди на најуспешни жени менаџери, а од минатата година вклучени се и менаџерки од регионот.

Нашето искуството покажува дека жената во бизнисот напредува, иако споро, односно за разлика од постарите генерации кои ги красеше поголема храброст за да направат исчекор во бизнисот, сегашните помлади генерации се одликуваат со поголема едуцираност и самодоверба. Сакако, големата економска криза која во континуитет трае веќе три години ги натера и жените менаџери многу посилно да се борат за опстанок и развој на своите бизниси, но и ги извлече на површина сите способности за адаптација, трансформација и прилагодување на менаџерите,  што всушност ќе ги претставуваат менаџерите на иднината. Континуитетот во опстојувањето на женските бизниси само го потврдуваат тоа дека жените успешно се справуваат со бизнис предизвиците. 

 

Колку менаџерки годинава ќе наградите и дали тие се застапени во Бизнис каталогот? Дополнително, продолжува ли нивната соработка, откако ќе се сретнат на „Марили Бизнис Форумот“? 

Оваа година на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ ќе бидат наградени 10 лауреатки на коишто ќе им се додели статуетка „Жена водилка“. Две од наградените лауреатки доаѓаат од регионот и сите тие ќе бидат присутни на „Марили Бизнис Форумот“, а тука ќе бидат присутни и жени менаџери од „Марили Бизнис Клубот“ којшто ги обединува најуспешните жени менаџери што сме ги наградувале низ годините. Во рамките на Клубот тие постојано соработуваат, разменуваат идеи и искуства, организираат едукации и дебати, но и хуманитерни проекти. И оваа година сите заедно учествуваат во хуманитарна донација која ќе се заокружи со доделување на апарат и тестови за безболни кривни анализи, коишто ќе ги донираме во Институтот за белодробни заболувања кај децата во „Козле“. 

Избраните најуспешни жени менаџери се присутни и во Бизнис Каталогот со свои интервјуа, а во него има и интервјуа на претставници од државни институции, стопанските комори, уметници, а воведниот дел на каталогот оваа година го посветивме на темата: Македонскиот бит вткаен во јазикот, духовните корени, вековните обичаи и културата. 

 

Се изборија ли жените бизнисмени, низ годините, за рамноправност со своите колеги, во однос на застапеноста, еднаквоста во ценењето на трудот, платата?

Жените менаџерки коишто се дел од нашите манифестаци се светол пример за напредокот на жената во кариерата, како жена менаџер, лидер и претприемач. Како личности кои секојдневно се борат и се еднакво изложени пред сите предизвици и препреки како и мажите, покажуваат дека се рамноправни и дека нивните успеси не се помалку вредни. Оттаму и наградувањето треба да е на исто ниво. Сапак, статистиките покажуваа дека жената во претприемништвото е застапена со нешто повеќе од четири проценти (4%) , а во делот жени на менаџерски и лидерски позиции се само околу 32 отсто. Ова покажува дека битката за напредок на жената во бизнисот и во општеството мора да продолжи, а агенција „Марили“ преку своите проекти, веќе 27 години покажува дека е поддршка и „ветер во грб“ на жените и пример за идните генерации.