„Треба да е човек свесен и благодарен“ : Магична вечер со Влатко Стефановски на Антички во Охрид


Вечер што долго ќе се памети синоќа приреди светскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски кој во рамки на 64. „Охридско лето“ одржа концерт по повод пет децении од неговата музичка кариера.

Публиката на Античкиот театар  уживаше со феноменалните композиции  во извонредна изведба на членовите на „Влатко Стефановски трио“ , Јан Стефановски и Иван Куќиќ. Гости на вечерта беа македонскиот саксофонист Горан Папаз и Дамир Имери на клавијатури со кого Влатко Стефановски соработува долги години.

-Сум пораснал во Охрид. Моите се занимаваа со уметност, беа луѓе од театар и секоја  година бевме на „Охридско лето“, така што во некоја моја длабока потсвест е врежан овој фестивал и овој град. Не ми е првпат да настапам на фестивалот ама секогаш кога сум имал чест да настапам, се чувствувам  малку посебно како и сега. Со големо  задоволство јас, мојот бенд и моите соработници го одржавме концертот, вели Стефановски.

На Античкиот театар во Охрид имаше и публика која специјално допатува само за да ужива во концертот штого одржа  овој маестрален уметник на гитара. Голема поддршка му беа и неговите пријатели и фанови надвор од границите на земјава.

-Имам пријатели од Загреб кои дојдоа да го гледаат концертот, фанови  дојдени од Норвешка, верувале или не, со три-четири авиони се забрале  и дошле да го гледаат  овој концерт, така што имаме едно посебно чувство и некако  малку поголема одговорност во однос на другите концерти што ги свириме по други фестивали. Чувствувавме потреба, ова да биде специјално, додава Стефановски.

Половина век на светската музичка сцена, не е малку,  а според гитаристот Стефановски, кариерата се градела постепено и макотрпно.

-Се разбира дека не беа веднаш освоени светските сцени, мораше прво  да се освои семејството, да ти поверуваат во  тоа што го работиш, потоа да ги убедиш училишните другари дека тоа што го правиш нешто вреди, па да го убедиш своето маало, својот град, својата држава, а светот останува да се  освои малку подоцна, така што освоивме некои значајни сцени, не можам да се пожалам. Многу сум благодарен и на публиката и на соработниците и на Севишниот кој се уште како да ме  чува и да ми дава сила и верба да продолжам понатаму, вели тој.

Како и секогаш и овојпат скромен, Стефановски вели за неговата кариера се заслужни сите.

-Сите  граделе по некое камче во тој мозаик наречен пет децении музичка кариера. Не можам да кажам  дека сум само јас заслужен за сè. Имало и некои тивки соработници кои не се толку експонирани во јавност. Зборувам за тон мајстори, за дизајнери, за фотографи, сниматели, режисери,  сите по нешто додале во мозаикот. Треба да е човек свесен и благодарен, раскажува Стефановски.

За својата успешна петдецениска кариера, најголемиот македонски амбасадор Влатко Стефановски, од фестивалот „Охридско лето“ доби плакета. Според  директорката на оваа најголемамузичко-сценска манифестација, Наташа Поповиќ, Стефановски е најдобриот македонски и балкански гитарист на сите времиња кој со својата гитара најдобро ја промовира македонската песна и музика ширум светот допирајќи до сите срца преку ритамот на седум-осминскиот такт, но и многу други ритмови.

-„Охридско лето“ со богатата традиција од 64 години ги достигнува светските врвови во уметноста но знае да ги вреднува и оние кои со своите дела испишуваат историја, раскажуваат приказна со универзален одглас. Огромна е честта од името на целиот тим на „Охридско лето“ да ја доделам плакетата во знак на благодарност за посебниот придонес, заложба и успешна соработка како и бројните настапи на сцената на „Охридско лето“ кои се дел од неговата 50-годишна успешна кариера, истакнува Поповиќ.

Концертната турнеја на Влатко Стефановски по повод неговиот јубилеј на музичката сцена  продолжува и натаму. Тој најави големи концерти во Белград, Загреб и Скопје, но како што вели, еден од позначајните му е токму овој што го одржа синоќа на „Охридско лето“.