Транспарентноста на министерствата стагнира, а на општините се подобрила

Министерството за одбрана и Владата, имаат по максимални 100 отсто, Велес и Гевгелија, се наоѓаат на третата позиција


Фото: Б. Грданоски

Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2023 година изнесува 76 отсто и во однос на лани е подобрена за три процентни поени (од 73% на 76%). Ова го покажало годишното рангирање на институциите кое го прави Центарот за граѓански комуникации. Во рангирањето биле вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини.

„Својата активна транспарентност годинава ја подобриле 54 отсто од институциите, за разлика од лани кога се подобриле 81 отсто од институциите. Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 86 отсто, а на општините 74 отсто. За разлика од лани, министерствата се подобриле за нецел процентен поен, а општините за четири. Како и лани, и годинава само две институции, Министерството за одбрана и Владата, имаат по максимални 100 отсто, односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност“, наведено е во соопштението од Центарот.

Според наодите, две општини, Велес и Гевгелија, се наоѓаат на третата позиција, со високи 99 отсто исполнетост на обврските за објавување информации според активната транспарентност. Меѓу регионите, пак, на првото место изби Источниот Регион (со 83 отто активна транспарентност), а на последно место останува Скопскиот Регион (со 66 отсто активна транспарентност).

„Најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите
(општините само 57 отсто, а министерствата 62 отсто). Се влошува состојбата со одговорите на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање. Општините одговорија во просек за 16 дена (лани за 12 дена), а министерствата одговорија за 19 дена (лани за 16 дена). Само 65 отсто од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сторија 93 отсто од институциите)“, наведено е во соопштението.

Активната транспарентност е претставена и на специјалната веб-страница со преглед на остварувањата на секоја институција од 2016 годинава наваму. Истражувањето е изработено во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.