Транспаренси интернешнел: На специјалистите најмногу „им лепи“ раката во здравството
Транспаренси интернешнл – Македонија, во рамки на редовната месечна активност за следење коруптивни случаи, од изминатиов март регистрира повеќе „матни“ настани. Меѓу нив се и коруптивните однесувaња во здравството, каде од пациентите се барале пари или подароци за побрзо и полесно да добијат здравствена услуга.
Транспаренси потсетуваат на истражувањето на ЕСЕ, кое покажа дека околу 200 од вкупно 1.240 анкетирани лица биле сведоци на корупција во здравствениот систем. На специјалистите најмногу „им лепи“ раката во здравството, а тројца доктори, мажи, им побарале сексуални услуги на пациенти за да им пружат здравствена услуги.
Понатаму, во барометарот на корупција за март ја ставаат темата за која пишуваше „Слободен печат“ – институциите „не ги фермаат“ укажувачите и само една петтина имаат назначено луѓе за пријави од „свиркачи“. Иако „свиркачите“ се меѓу најефективните за разоткривање и борба против корупција, од вкупно 1.320 институции, бројот на оние што имаат овластено луѓе за пријави од укажувачи е 270, што е само 20 отсто.
Само 27 пријави од „свиркачи“ се евидентирани низ целата ланска година, што значи дека граѓаните не се охрабрени да кажуваат за корупција и системски аномалии. До Антикорупциска лани стигнале 15 пријави од надворешни укажувачи.
Во баромарарот се ставени и извештаите на Државниот завод за ревизија. Оттаму најдоа дека кај Министерството за односи меѓу заедниците во 2024 година се „здиплени“ околу 30 лаптопи, а 61 процент од 244 вкупно вработени во институцијата можеби одат на работа, а можеби и не одат. Исто така, горивото се точи без да се знае во чии резервоари, со што се отвора сомнежот дека можеби се полнат приватни резервоари и по пописот фалат средства во износ од 25 милиони евра.
Од Транспаренси потсетуваат дека Државниот инспекторат за градежништво остана без инспектори, а оваа институцијата осум години нема директор. Практично, недостасуваат луѓе за да вршат инспекциски надзор во градежништвото, бидејќи последниот инспектор кој работел на тоа исполнил услови за пензија на крајот на 2025 година.
Ревизорите открија и сериозни нерегуларности во ДИК за изборите во 2024 година, кои ги чинеа граѓаните 23 милиони евра. Ревизорскиот извештај за 2024 година, т.е. за време на претседателските и парламентарните избори, откри незаконска распределба на средствата за изборна кампања, преку спроведување на набавки надвор од Законот за јавни набавки, сè до немање соодветни услови за чување на доверливиот материјал.
Во „матните“ е и случајот за директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, за кој исто така пишуваше „Слободен печат“. Тој се сомничи дека примил поткуп од 50.000 евра како прва рата од вкупно побарани 100.000 евра. Според информациите од МВР, осомничениот, во својство на службено лице, преку шпедитер индиректно побарал поткуп од сопственик на фирма што се занимава со увоз.
Транспаренси објави и „бистри“ настани од март. Уставниот суд објави дека седниците ќе ги пренесува во живо, што би донело поголема транспарентност и исчекор кон институционална отвореност.
Исто така, Антикорупциска поведува постапки против 234 советници избрани во општините во државата, кои не поднеле изјава за имот.
Воедно, Финансиска полиција поднесе кривична за поранешниот директор на „Комунална хигиена“. Тој овозможил физички лица да стекнат корист од 68.500 евра. Се товари за три кривични дела злоупотреба на службената положба, фалсификување исправа и проневера во службата – во обид.