Tрамп во ОН ја обвини Кина за пандемијата, Си повика на светско единство против корона вирусот


Американскиот претседател Доналд Трамп настапи денеска во виртуелен формат на 75. Генерално собрание на ОН што неделава започна во Њујорк. Првпат во историјата на ова светско меѓународно тело поради пандемијата, ГС се одвива во виртуелен формат.

Покрај Трамп, денеска настапија и рускиот претседател Владимир Путин и нивниот кинескиот колега Си Џинпинг.

Фокусот на говорот на Трамп беше насочен кон Кина, со критики до Комунистичката партија на таа земја поради справувањето со пандемијата Ковид-19, вмешаноста во изборите на туѓи земји, шпионирањето во САД и наметнување влијание низ целиот свет. 

-Во првите денови на ширењето на вирусот Кина забрани внатрешни патувања, а притоа дозволи меѓународни летови од Кина да се зарази целиот свет, рече Трамп. 

-Владата на Кина и Светската здравствена организација, фактички под контрола на Кина, даваа лажни изјави дека нема докази за пренос на вирусот од човек на човек… Подоцна тие лажни изјавуваа дека луѓето без симптоми на ја шират болеста… ОН треба да посочи на Кина како одговорна за своите постапки, кажа Трамп. 

-Седумдесет и пет години по крајот на Втората светска војна и основањето на ОН, ние повторно сме вовлечени во голема глобална војна. Водиме жестока битка против невидливиот непријател – кинескиот вирус, што однесе безброј животи во 188 земји, истакна Трамп. 

Додаде дека САД започнале најагресивна мобилизација од времето на Втората светска војна… „Ќе ја дистрибуираме вакцината, ќе го победиме вирусот, ќе ставиме крај на пандемијата и ќе стапиме во нова ера на невиден прогрес, соработка и мир“. 

Во својот говор, Трамп ги допре и договорите меѓу Израел, ОАЕ и Бахреин склучени со посредништво на САД, спомена за економскиот договор меѓу Србија и Косово, и за притисокот на САД врз НАТО, членките да ги запазуваат ветените таргети за трошоци за одбрана. 

-Знаеме дека прогресот на Америка е основа за слободата и безбедноста низ целиот свет. За овие три кратки години ја изградивме најголемата економија во историјата, истакна тој. 

Додаде дека последните четири години САД за своите вооружени сили потрошиле 2,5 билиони долари… „Донесовме нова енергија во НАТО“. 

Во говорот пред ГС на ОН Трамп се задржа и на состојбите околу Иран, Авганистан и Северна Кореја. 

-За ОН да биде ефективна организација таа треба да се фокусира на реалните проблеми во светот. Тоа се тероризмот, нарушувањето на правата на жените, работничката експлоатација, трговијата со дрога, со луѓе и сексуалната трговија, како и казнувањата на верска основа, етничките чистки на малцинствата, изјави Трамп. 

При крајот на говорот тој ја благослови Америка, ги благослови земјите и ОН. Во склад со  својата идеја „Америка пред сѐ“ им порача на земјите дека „само со грижа за сопствените граѓани вие ќе најдете вистинска основа за соработка. 

Во денешниот говор во Обединетите нации, кинескиот претседател Си Џинпинг цврсто ги бранеше амбициите на официјален Пекинг и предупреди дека несоодветен одговор на пандемијата на коронавирусот може да биде закана за цивилизацијата.

Во снимениот говор Си рече дека светското единство е единствениот начин да се надмине кризата со коронавирусот.

Шефот на кинеската држава им даде гаранции на светските лидери дека неговата земја нема план за „хегемонија, експанзија или сфера на влијание“.

– Кина нема намера да влезе во Студена војна, рече тој, инсистирајќи на тоа дека Пекинг е за меѓународен систем, како што е Светската трговска организација.

– Ние инсистираме на дијалог со цел да се надминат разликите и во преговорите за решавање на споровите, посочи кинескиот претседател.