Трамп во Белата куќа ја почна аудицијата за наследник за 2028 година
Се чини дека претседателот ги стави Венс и Рубио на тест како потенцијални наследници и ќе ја гледа нивната „борба во кафез“
„Која од вас, да речеме, најмногу нè сака?“
Прашањето што остарениот крал Лир им го поставува на своите ќерки – очекувајќи тие да се натпреваруваат за неговата наклонетост и да го разделат неговото кралство – лебдеше во салата за прес-брифинзи во Белата куќа во петокот.
Таму, зад говорницата, стоеше Доналд „Лир“ Трамп. Зад него беа неговите потенцијални наследници, Џеј-Ди „Гонерил“ Венс и Марко „Реган“ Рубио, а на страна седеше омиленото „чедо“ на Трамп, Стивен „Корделија“ Милер. Што се однесува до дворската будала – изборот беше бескраен.
Навидум, ова беше прес-конференција посветена на патувањето на претседателот во Азија, но всушност сите знаеја дека тоа е првата аудиција за претседателските избори во 2028 година (а Трамп, верувајте, ќе ужива во тоа што ќе ја претвори трката во натпревар за негово одобрување). Се очекува Венс да се бори за „круната“, иако токму Рубио изби на првото место во најновата национална анкета на колеџот „Емерсон“.
Во преполната сала, Трамп стоеше во центарот на вниманието, како повторно да го води шоуто „Чирак“ (The Apprentice). Зад него, двајцата претенденти ги изразуваа своите амбиции преку идентични костуми, идентични црвени вратоврски со натпис МАГА, идентични значки со американското знаме и идентични кожни чевли.
Првиот тест: дали Венс и Рубио можат да стојат мирно 90 минути, без да превртуваат со очите, да проѕеваат или тивко, без глас, да им порачуваат на новинарите: „Убијте ме!“? Дали можат да ја „проголтаат“ збрканата мешавина од зборови на Трамп и притоа да изгледаат како навистина да уживаат во тоа? Дури и кога „шефот“ нашироко и неповрзано зборува за дупките на патот?
„Кога ќе поправите дупка на патот…“ – започна една од дигресиите на претседателот, кој веќе зачекори во деветтата деценија од животот. „Не сакам да ве заморувам – ќе речат: ’О, тој зборуваше без ред, навистина претера со зборување‘. Јас не зборувам без ред. Воопшто не зборувам без ред, но кога ќе поправите дупка на патот, добивате сосема нов асфалт до стариот, избледен асфалт – што не изгледа убаво, но барем нема да си ја уништите колата. А овие патишта, пак, беа беспрекорни…“
Но, најпрвин, целата работа започна прилично чудно. Трамп се појави зад говорницата и забележа: „Ова е огромна, навистина огромна толпа. Никогаш претходно немам видено вакво нешто“, но новинарите, натрупани во просторијата, едвај можеа да го слушнат од бучавата на клима-уредот. Еден техничар се обиде да го поправи звукот, но тоа само предизвика чуден, морничав ехо-ефект во гласот на Трамп.
Дали оние „гремлини“ – што предизвикаа приземјување на авиони и блокирање на банкарски системи – конечно стигнаа и до Белата куќа? Толку од Америка како високотехнолошка суперсила. На крајот, редот беше воспоставен – иако не нужно и во главата на Трамп.
Очигледно му годеше тоа што медиумите го споредија неговиот трилатерален самит со лидерите на Кина и Русија, со средбата во Јалта меѓу Винстон Черчил, Френклин Рузвелт и Јосиф Сталин (не кажа со кого од нив тројца се поистоветува, иако критичарите би можеле да претпостават). Како некој воодушевен тинејџер, Трамп беше толку возбуден што кинескиот претседател Ши Џинпинг дошол на аеродромот да го пречека, што го спомна тоа дури двапати: „Тој не го пречека ’Поспаниот Џо‘ уште кај авионот, тоа можам да ви го кажам.“
САД, Русија и Кина поседуваат 92% од глобалната нуклеарна моќ, истакна тој, што му даде повод да го спомене својот чичко Џон Трамп, електроинженер и поранешен професор на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ). „Еден член на моето семејство го помина животот на МИТ – за кого велат дека е најголемиот професор во историјата на таа институција – па така, имам големо разбирање за… претпоставувам дека можеби сум генетски благословен“, се пошегува Трамп.
На таа забелешка, Рубио веќе не можеше да се воздржи. Насмевка му се појави на усните и тој упати поглед кон Венс, кој се почувствува должен да возврати со насмевка. „Не се смееме на Вас, туку со Вас, господине претседателе“.
Всушност, од двајцата, Рубио беше оној што повеќе се вртеше и не можеше да најде мирна положба. Додека Трамп продолжуваше да зборува, државниот секретар се префрлаше од една на друга нога, си ја поправаше вратоврската, си играше со долната усна, си ја дотеруваше косата и повремено упатуваше некоја иронична насмевка. Венс, пак, се криеше зад својата брада и еден вид аура на самозадоволство.
Но, конечно, дојде моментот ќерките на кралот Лир да ги дадат своите јавни изјави на љубов. Венс застана зад говорницата и напомена дека останал во Вашингтон наместо да се придружи на патувањето, споредувајќи се себеси со ликот на Меколи Калкин од филмот „Сам дома“ – дете кое случајно е оставено дома за време на Божик, додека неговото семејство брза да фати лет за Париз. „Ми недостасувавте, господине“, му рече тој на Трамп, а потоа го пофали претседателот за „склучувањето историски трговски договори“ и за реорганизирањето на глобалната економија во корист на американските работници и економијата.
Не е лошо, но малку чудно. Марко, ти си на ред. Државниот секретар им одговори на критичарите кои го обвинуваа Трамп дека им се додворува на диктатори на штета на демократите; ги крена веѓите и замавна со тупаницата: „Овие три земји поседуваат огромно мнозинство од нуклеарното оружје на оваа планета. Идејата дека овие тројца лидери не треба редовно да комуницираат не е само апсурдна, туку и опасна“.
Трамп почна да одговара на прашањата на новинарите. Еден млад и дрзок новинар постави прашање што ќе се поставува уште многу пати во текот на следните две години: „Бидејќи зад вас се наоѓаат потпретседателот и државниот секретар, ме интересира – кој од нив, според вас, би бил подобар претседател по вас?“
Трамп го отфрли прашањето без да даде одговор. Венс остана со камен израз на лицето. Рубио се насмевна со значаен поглед.
Истиот новинар го стави Венс во непријатна положба, прашувајќи го за неговата објава на Твитер по среднорочните избори: „Дали би рекле дека војната во Иран вредеше, дури и по цена на губење на Сенатот?“ Потпретседателот се согласи со целта Иран да не дојде до нуклеарно оружје, но внимателно додаде: „Мислам дека претседателот е тој што ја носи одлуката, а претседателот изјави дека би го направил истото повторно. Мојот став е дека моја цел и моја задача е да го поддржувам претседателот на Соединетите Држави“.
Со други зборови: „Ја мразам оваа војна и никогаш не би ја започнал, но морам да застанам зад шефот“. Очекувајте уште многу вакво вешто балансирање во претстојната кампања.
Подоцна, кога Трамп праша: „Сакате ли ова да продолжи или не?“ – среде какофонија од гласни прашања – тој се сврте кон Рубио, кој се насмеа, а потоа и кон Венс, кој реагираше исто така, со скрстени раце. Двајцата ривали пријателски се потчукнаа. Но, ниту еден од нив не беше подготвен за човекот што ќе им го украде вниманието.
„Во моментов, во оваа просторија го имаме најмоќниот човек на светот“, рече Трамп, мислејќи на Милер – неодамна назначениот шеф за идеолошка ревност во Белата куќа – кој излезе зад говорницата, со ќелавата глава што сјаеше под силните светла.
„Само сакав да кажам дека она што претседателот Трамп го постигна во последните две години е далеку повеќе од сè што постигнал кој било друг претседател во американската историја!“ – извика Милер, а потоа продолжи со еден толку самофалечки монолог, што дури и портпарол на Кремљ или на Комунистичката партија на Кина би поцрвенел од срам. „Она што ќе го видите во следните две години… колку и да беше неверојатно сè досега под негово водство, следните две години ќе бидат најголемите две години во американската историја!“
Трамп, кој најмногу од сè сака ласкање пропратено со извичници, се врати зад говорницата и објави: „Имаме итна вест. Имаме итна вест“. Мавтајќи со рацете, а потоа покажувајќи со палците кон Венс и Рубио, тој рече за Милер: „Тој беше подобар од овие двајца. Сакаш ли да се кандидираш за претседател?“
Тоа беше шега, нели? Трамп повторно ги разбрануваше прашањата за наследството, ставајќи ги своите потенцијални наследници во непријатна положба. Беше симболично што ја заврши прес-конференцијата потсетувајќи се на вечерта кога организираше борби од „Ултимејт фајтинг шампионатот“ на јужниот тревник пред Белата куќа. Тој ќе ужива во секој момент додека, во следните две години, претседава со оваа републиканска „борба во кафез“. (Гардијан)