Трамп се премисли и нема да го помилува Благојевиќ


САД – Американскиот претседател Доналд Трамп нема да го скрати затворскиот рок на Род Благојевиќ. поранешени гувернер на Илиноис, откако се соочи со поплаки од неколку демократски и републикански конгресмени од оваа сојузна држава.

Според „Си-Ен-Ен“ конгресмените се обратиле до шефот на Кабинетот  на Трамп Мик Малвејни, и советникот Пат Ципалоне, додека републикански членови на Конгресот од Илиноис објавија заедничка изјава.

Според нив, за време на своето гувернерство Благојевиќ направил сериозни криминални дела. Тие го повикаа Трамп да не го помилува „бидејќи тоа ќе прати погрешна порака до гласачите за корупцијата кај јавните функционери“.

Трамп бил информиран дека Благојевиќ досега не се покајал за своите злодела.

-Посакував да ја знам позадината на ова претходно, изјавил наводно Трамп во разговор со конгресмено Мајкл Бост.

Еден од најважните криминали на Благојевиќ беше обидот за продажба на сенатската фотеља на поранешниот претседател Барак Обама, откако тој замина од Сенатот и стана претседател. Друго криминално дело е заканата дека ќе блокира милиони долари за изградба на детска болница ако раководителот на тој проект не напише чек за негова кампања во висина од 25 илјади долари.

Благојевиќ одлежува 14-годишна затворска казна.

Трамп минатата недела за време на патување во претседателскиот авион изјави дека седум години затвор од 14 биле доволни за поранешниот гувернер. Според официјално лице во Администрацијата, Белата Куќа го подготвувала помилувањето на Благојевиќ неколку месеци.