Трамп ќе воведе 100-процентна царина за сите филмови направени надвор од САД


Вашингтон- САД ќе воведат 100-процентна царина за сите филмови направени надвор од земјата, објави денеска американскиот претседател Доналд Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social.

„Нашата филмска индустрија е киднапирана од други земји, исто како што крадат слатки од децата. Калифорнија, со својот слаб и некомпетентен гувернер, е особено силно погодена! Затоа, за да го решам овој долгогодишен и бесконечен проблем, ќе воведам 100-процентна царина за сите филмови направени надвор од САД. Ви благодарам за вашето внимание. Да ја направиме Америка повторно голема ! Претседател ДЈТ’“, објави Трамп на својата социјална мрежа. 

Британските медиуми пренесуваат дека Трамп уште во мај се закани со воведување вакви царини, но понуди малку детали, што доведе до забуна кај првите луѓе во индустријата за забава.

Акциите на Нетфликс и Вернер Брос Дискавери веднаш паднаа пред денешното тргување за 1,4 проценти, односно за 0,6 проценти, соодветно.