Трамп ја сака иранската нафта, барелот помина 115 долари
Абу Даби- Цените на нафтата денеска надминаа 115 долари по барел при отворањето на берзите во Азија, додека продолжуваат воздушните напади во земјите на Блискиот Исток, нешто повеќе од еден месец по почетокот на војната во Иран.
Цената на суровата нафта од марката „брент“ изнесува 115,84 долари, што е зголемување од 2,9 отсто во однос на цената од петокот, пренесува Би-Би-Си.
Цената на таа нафта по барел беше околу 72 долари пред 28 февруари, кога почнаа американските и израелските напади врз Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би сакал да преземе контрола врз иранската нафта, опишувајќи ги критичарите во Соединетите Држави како „глупави“ во интервју за британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
– Да бидам искрен со вас, најмногу би сакал да ја земам нафтата во Иран. Но, некои глупави луѓе во САД велат: „зошто го правиш тоа?“ Но, тие се глупави луѓе“, изјави Трамп.
Заземањето на иранската нафта најверојатно би барало американските сили да го заземат островот Харг во Заливот, преку кој течат приближно 90 проценти од извозот на нафта во земјата, пренесе ДПА. Пентагон наводно распоредил околу 10.000 војници обучени за копнени операции, иако експертите предупредуваат дека окупирањето на островот би можело да ги изложи војниците на ирански напади.
Трамп за весникот изјави дека верува оти иранската одбрана на Харг е слаба, велејќи: „Мислам дека тие немаат никаква одбрана. Би можеле да го заземеме многу лесно“, но додаде дека американските сили можеби ќе треба да останат таму „извесно време“.
– Можеби ќе го земеме островот Харг, можеби не. Имаме многу опции – рече тој.