Трамп ја победи Америка

Најгубитничко во целата изборна приказна е што политичари од Македонија почнаа да прогласуваат победа на изборите во САД


Доналд Трамп ја победи Америка, каква што ја знаевме шест децении. Според сите оценки, на изборите се случи незамисливото: Американците избраа за претседател осуден политичар кој заговараше обид за државен удар.

Европските оценки главно се дека Трамп си доби „излезна затворска карта“, со оглед на тоа што наскоро треба да добие конечна судска пресуда, а функцијата спречува таа да биде извршена додека е на оваа позиција во Белата куќа. Гледано пошироко, тоа што се случи изминатата ноќ беше многу замисливо, бидејќи целиот свет, вклучувајќи ја и Европа, во голема мерка се движи во истиот тренд што го лансираше, па и финансираше самиот Трамп, а тоа се екстремизмот и популизмот.

Колку и да се чудат во Европа и да оценуваат дека „американскиот народ не го положи тестот за интелигенција“, дека избрале прв претседател „фашист“ и дека единствената историја што ја напиша сега е дека се спаси од затворска казна, факт е дека неговата победа беше убедлива и дека Американците гласаа за промена што не ја видоа и не ја препознаа во изборната програма на Камала Харис. Со оглед на тоа колку луѓе не го напуштија Трамп откако ја изгуби функцијата и беше поразен од Џо Бајден, и со оглед на тоа како се мобилизираа републиканците околу него и покрај сите слабости што ги покажа во текот на првиот мандат, јасно висеше во воздух можноста  да му се даде втор мандат за да ја истроши целосно вербата што половина од Америка сѐ уште ја има во неговите спектакуларни ветувања.

 Денес нив Трамп ги сведе на реченицата  дека повторно доаѓа „златно време за САД“,  дека „Америка ќе биде повторно голема“, дека ќе ја запечати границата за илегалците, дека ќе спроведе најголема евакуација на илегални имигранти во историјата, дека ќе ја растури мрежата на „левичарски фанатици“, дека со ракети ќе ги гаѓа нарко картелите во Мексико, дека ќе ги забрани вакцините и ќе ја вклучи  армијата во пресметка со домашните опоненти. Но, дури и за Трамп ваквите ветувања и најави се преголеми за да се остварат, а тоа го покажа веќе со првиот говор во кој порача дека сака да ја „излечи Америка“ (што самиот ја „разболе“), дека е време за обединување, дека ќе им служи на сите граѓани и дека нема да мирува додека не им испорача  силна, безбедна и просперитетна држава.

 Ваквиот говор покажа дека овој Трамп сепак научил нешто од времето на првиот Трамп, уште повеќе што тогаш имаше само едно големо ветување што требаше да го исполни (зидот кон Мексико), а сега состојбата во која ќе се најде како шеф на Белата куќа е многу покомплексна за да се решава со празни фрази и популизми. Мошне извесно е дека наспроти навестувањата дека ќе ѝ сврти грб на Украина, дека ќе го обнови пријателството со Владимир Путин, дека ќе бара мир на штета на Киев и дека ќе ги изнесе САД од НАТО, Трамп брзо ќе осознае дека има две војни во моментов кои влијаат драматично на неговото претседателствување, дека Путин не е истиот, дека е сојузник на неговиот најпотенциран непријател (Пекинг),  дека не може сам да носи одлуки за НАТО и дека во Украина се решава нешто многу поголемо од  воена агресијата на Русија врз суверена држава. Едноставно кажано, дека интересите на САД се разидоа драматично со тие на Русија и Кина од неговиот прв мандат, па и се исклучуваат.

Во неговиот  табор победата беше претставена како „најголемо политичко враќање во историјата на САД“, а тој како „Феникс што се издигна од пепелта“. Факт е сепак дека САД се поделија политички на половина и дека трката беше многу тесна, што и за волунтарист претседател како Трамп е јасна порака дека ако не сака да се истроши и себеси и својот втор мандат како првиот пат, мора да најде начин да одговори на сите очекувања наспроти политичката афилијација. Практично, двата главни столба на неговата политика, изолационизмот и политичката нетолеранција, како што го донесоа на власт, така може да го ослабат.

Најгубитничко во целата оваа изборна приказна е што политичари од Македонија почнаа да прогласуваат победа на изборите во САД. „Победуваме во Луизијана, победуваме во…“, напиша Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, а „победа“ прогласија и нмогу истакнати политички фигури во оваа партија, постираа фотографии со Ричард Гренел и слични политички патетики кои отвораат две прашања: Зошто победата на Трамп е победа на ВМРО-ДПМНЕ (како што напишаа на твитер „Цела Америка е ВМРО“) и што им донесе тој  како претседател кога беше во Белата куќа првиот пат? Иако тогаш му помогнавме со Велешката фабрика, тоа не го спречи Трамп силно да го протурка Преспанскиот договор во 2018 година на кој ВМРО-ДПМНЕ се противеше, да ја стави во брза процедура постапката за влегување на Македонија во НАТО, па и да дозволи Никола Груевски срамно да биде протеран од државата, иако навидум избега.

Македонија реално нема директни негативни  искуства од првиот мандат на Трамп, а Ричард Гренел, неговиот близок соработник, беше во Македонија за да ги оствари  неговите интереси тука. На крајот на краиштата, САД секогаш биле сојузник на Македонија кој и да бил на власт, и кај нив и кај нас, така што ваквите навивања се патетични улизувања на најмоќниот човек во САД, за да затвори очи околу прашањата на лошо владеење и корупцијата,  бидејќи веруваат дека и тој е како нас.

И покрај црните прогнози во Европа кои беа  срочени во дилемата – „Колку лошо може да донесе новото претседателствување  на Трамп?“ – Македонија ќе има исто корист или штета од новата администрација во САД  како и другите европски држави. Ако Трамп успее да ја направи Америка „повторно голема“ и  го врати статусот што го имаше на суперсила, тоа ќе биде добро и за нас како земја сојузничка во НАТО. Ако пак се сврти само кон себе и се фокусира на профитите, сите во Европа ќе платат цена, вклучувајќи ги и тие што сега го посакуваат.

Како и да се гледа, САД се најголемата демократија на планетата и ако таа „падне на колена“,  сите ќе се соочиме со ерозија на стандардите, освен ако не сакаме да бидеме Русија. Не случајно целиот свет не спиеше вчера и нестрпливо ги чекаше резултатите. И самиот Трамп, додека тврдеше дека создал најголемо политичко движење во историјата на земјата (реално поголемо беше движењето што го донесе Барак Обама како прв црнец за претседател на САД), тој самиот потенцираше дека зад него застанале Американци од сите бои, географски линии, па и политички. Тоа е товар што треба да го оправда.