Трамп: Израел ќе ја предаде контролата врз Газа на САД по војната, нема потреба од американски војници на теренот


 Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Израел ќе ја предаде Газа на САД по завршувањето на борбите и населението на енклавата ќе биде преместено на друго место, што според него значи дека нема да бидат потребни американски војници на теренот.

Еден ден откако светот ја осуди изјавата на Трамп дека има за цел да ја освои Газа и да ја претвори во „Ривиера на Блискиот Исток“, Израел и нареди на својата армија да се подготви да дозволи доброволно заминување на жителите на енклавата.

Трамп, кој вчера одби да ја исклучи можноста за распоредување американски војници во Газа, ги разјасни своите планови во коментар на својата социјална мрежа „Truth Social“.

„Појасот Газа ќе биде предаден на САД од Израел по завршувањето на непријателствата…Палестинците ќе бидат преселени во многу побезбедни и поубави населби, со нови и модерни домови во регионот. Нема да бидат потребни американски војници“, објасни Трамп.

Планот на Трамп беше дочекан со огромна поддршка во Израел, при што премиерот Бенјамин Нетанјаху го пофали предлогот на американскиот претседател како „извонреден“.

Министерот за одбрана Израел Кац рече дека и наредил на армијата да подготви план за „доброволно заминување“ на жителите на Газа кои сакаат да ја напуштат енклавата.

„Го поздравувам смелиот план на претседателот Трамп. На луѓето во Газа треба да им се дозволи слобода да си заминат и да емигрираат, како што е нормално во светот“, рече Кац на социјалната мрежа X.

Кац посочи дека неговиот план ќе вклучува опции за излез преку копнени контролни пунктови, како и посебни мерки за излез по море и воздух.

Вчерашната изненадувачка изјава на Трамп, која предизвика гнев на Блискиот Исток, дојде во време кога се очекуваше Израел и Хамас да започнат разговори во Доха за втората фаза од договорот за прекин на огнот во Газа, чија цел е да го отвори патот за целосно повлекување на израелските сили и крај на војната.

Саудиска Арабија категорично ги отфрли предлозите на Трамп. Јорданскиот крал Абдула Втори, кој ќе се сретне со Трамп во Белата куќа следната недела, рече дека отфрла какви било обиди за анексија на земјиште и раселување на Палестинците.

Сe уште не е јасно каков ефект може да има предлогот на Трамп врз преговорите за прекин на огнот, наведуваат американски медиуми. Досега се вратени само 13 од групата од 33 израелски заложници кои требаше да бидат ослободени во првата фаза од договорот меѓу Израел и Хамас. За два дена треба да бидат пуштени уште три. Ослободени се и пет тајландски заложници.

Портпаролот на Хамас Басем Наим го обвини израелскиот министер за одбрана Кац дека се обидува да го прикрие фактот дека Израел не успеал да постигне ниту една од своите цели во војната против Газа. Според Наим, Палестинците се премногу приврзани за својата земја за да ја напуштат.