Трамп го зголеми јавниот долг на САД двојно повеќе од Бајден


Јавниот долг на САД се зголеми за 8,4 билиони долари во текот на четирите години на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп, додека јавниот долг се зголеми за 4,3 билиони долари досега во текот на речиси четирите години од администрацијата на претседателот Џо Бајден, објави Комитетот за одговорен федерален буџет.

За време на претседателската кампања во 2016 година, Доналд Трамп се прогласи себеси за крал на долговите, а според Комитетот за одговорен федерален буџет, тој ја заслужил таа титула за време на неговиот мандат, пренесува MarketWatch.

Дури и без да ги земе предвид дополнителните вонредни трошења на двајцата претседатели поради пандемијата на ковид-19, Трамп го зголеми јавниот долг за 4,8 билиони долари, а Бајден за 2,2 билиони долари.

Каролин Левит, претставник на претседателската кампања на Трамп, одговори на извештајот на MarketWatch велејќи дека „лудото трошење“ под Бајден ја создаде најголемата инфлаторна криза во една генерација.

Џејмс Сингер, портпарол на кампањата на Бајден, рече дека бројките докажуваат дека Трамп ја „дезорганизирал“ економијата и го зголемил јавниот долг со даночни олеснувања за богатите. „Во вториот мандат тој планира да им даде уште повеќе на милијардерите“, рече тој.

Бајден планира да се бори против дефицитот и јавниот долг со зголемување на даноците на корпоративниот профит и на приходите на поединци кои заработуваат повеќе од 400.000 долари годишно.

Трамп планира да го зголеми јавниот долг за 5 билиони долари за да ги задржи даночните намалувања во 2017 година на неодредено време.

Тој планира да депортира милиони илегални имигранти, за што Комисијата за одговорен буџет проценува дека ќе ја чини државата повеќе од билион долари од даночни приходи и ќе создаде недостиг на работна сила во некои клучни економски сектори.

Овие дополнителни трошоци за буџетот сака да ги покрие со паушални царини од 10 отсто за увоз од странство.