Сиљановска го предложи Трајко Славески за гувернер на Народната банка

Претседателката се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот


Фото: Б. Грданоски

 

Актуелниот претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески е предложен за гувернер на Народната банка, соопштија предмалку од Кабинетот на претседателката Гордана Силјановска Давкова.

„Ве информираме дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова до Собранието го достави предлогот проф. д-р Трајко Славески да биде именуван за гувернер на Народната банка“, се вели во соопштението.

Притоа се додава дека при донесувањето на одлуката, Претседателката се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.

„Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати“, се додава во соопштението до медиумите.

Со ова заврши неколкудневната „драма“ која што изби на релација претседател – премиер, околу предложувањето на кандидат за престижната функција. „Битката“ се водеше помеѓу актуелната гувернерка, Анита Ангеловска-Бежоска, поранешниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески и Трајко Славески.

Трајко Славески во моментов е претседател на Советот на Град Скопје и е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој со години со мали прекини е дел од врвната раководна структура на ВМРО-ДПМНЕ.

Славески е роден е во Охрид во 1960 година. Како што се наведува во неговата биографија на интернет страницата на Економскиот факултет при УКИМ, каде што е долгогодишен професор, посетувал редовни студии на Економскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а на пост-дипломски студии бил на Калифорнискиот државен Универзитет во Чико, САД (1986/87) и на Универзитетот Харвард (1989/90).

Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 1983 година, а магистрирал и докторирал на истиот факултет во 1988 и 1997 година, соодветно. Во неговите полиња на професионален интерес спаѓаат: микроекономија и макроекономија; политичка економија на транзицијата и приватизацијата; бизнисот и владата (државата); економските и социјалните функции на државата; економика на работната сила; економика на корупцијата и организираниот криминал.

Проф. Славески бил визитинг професор на Државниот универзитет во Аризона во 1997 година. Во периодот 1999-2006 година предавал на последипломскиот студиум South Easteren European Studies на Националниот и каподистриски Универзитет во Атина, Грција, на англиски јазик.

Славески е автор или ко-автор на пет книги и бројни статии, објавени во земјата и странство, во научни и стручни списанија, од областа на приватизацијата, економското преструктуирање, економскиот растеж и развој, економските и социјалните функции на државата и др. Учествувал на голем број меѓународни конференции посветени на транзицијата и на развојни прашања. Бил раководител на неколку владини проекти од кои произлегле официјални владини документи, како, на пример: Среднорочната стратегија за развој и реформи “Македонија 2003”, (2000 година), Националната стратегија за намалување на сиромаштијата (2002 година), Пред-пристапната економска програма (2008 и 2009), Националниот развоен план (2009) и др. Проф. Славески бил член на неколку меѓународни истражувачки мрежи.

Во 1992 година, д-р Трајко Славески, како советник на министерот за развој, беше еден од авторите на Антиинфлаторната програма, донесена заедно со чинот на монетарното осамостојување на Република Македонија. Во периодот 1999-2000 година, д-р Трајко Славески беше министер за развој во Владата на Република Македонија. Од април 2005 до август 2006 година беше член на Советот на град Скопје, каде што учествувал во работата на повеќе комисии. Со одлука на македонскиот парламент од 27.8.2006 година беше именуван за министер за финансии во Владата на Република Македонија. Оваа функција ја извршуваше до 10 јули 2009 година.

Како министер за финансии учествуваше во спроведувањето на низа реформи во даночниот и финансискиот систем во Република Македонија, осовременување на платниот промет, интегрирање на наплатата на персоналниот данок од доход и социјалните придонеси во Управата за јавни приходи (концептот бруто-плата) и непосредно раководење со спроведувањето на фискалната политика во услови на високата инфлација од 2007 година (резултат на порастот на светските цени на храната и на енергијата) и Големата рецесија 2007-2009 година. Д-р Трајко Славески, во периодот септември 2006 – јули 2009 година ги извршуваше функциите гувернер на Република Македонија во Светската банка и во Европската банка за обнова и развој.

Гувернерот го именува Собранието на Македонија на предлог на претседателот на државата, додека вицегувернерите ги именува Собранието  на предлог на гувернерот. Гувернерот има мандат од седум години.

Инаку, како што посочи вчера Силјановска-Давкова, одговарајќи на прашања на новинарите,  таа немала проблем со експертското познавање на сите кандидати со кои разговарала. Таа рече дека тоа се имињата на оние кои биле споменувани изминатите денови, индиректно потврдувајќи дека станува збор за досегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески и поранешениот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески. Во медиумите исто така се споменуваа и неколку други имиња како кандидати за престижната функција.

„Ако ги оценуваме кандидатите, тие со кои разговарав, веќе ги чувте нивните имиња, низ призма на екпсертско знаење, немам проблем. Ние сме имале среќа во оваа држава и одлично сме се однесувале кон оваа функција. Одете наназад да видите дека сме имале добри гувернери, тоа го кажуваат и странските евалуатори“, рече Силјановска-Давкова.

Таа откри дека се консултирала и со експерти и поранешни гувернери.

„Но, мислам дека е убаво кога на секој кандидат ќе му кажете дека ќе разговарате со следниот и ќе му кажете што мислите, мислам дека тоа е и почит. Се разбира, јас во меѓувреме консултирав и експерти од оваа област, луѓе кои се врвни, па дури и луѓе кои биле на истата таа функција, што мислат, како мислат…“, рече претседателката Силјановска-Давкова.