Трајко Славески најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе градело нова универзална сала во Скопје


Носителот на листата на кандидати за советници во Град Скопје, Трајко Славески, најави дека во концептот за промени што ги ветува неговата партија ќе биде и изградба на нова универзална сала. Иако сегашнава Универзална сала забрзано се реновира за да може да одговори на модерните барања за безбедност и конфорност.

Тој исто така најави дека ќе се граделе брзи сообраќајници, иако тој дел од инфраструктурата е речиси завршен. „Со целосна поддршка на програмата за модерно Скопје на независниот кандидат за градоначалник, Данела Арсовска, ние се обврзуваме и гарантираме исполнување на клучните проекти за градот Скопје. Град со ред во сообраќајот. Брзи сообраќајници кои ги поврзуваат сите населби. Град со достапен и ефикасен еколошки јавен превоз. Гасифициран град со можност за приклучок во секое домаќинство. Град со нови паркови на десетици илјади метри квадратни. Град со нова универзална сала, нов забавен парк… На овој начин ќе ги решаваме децениските проблеми на скопјани. Со практични, брзи и сигурни решенија“, рече Славески.

Тој уште рече дека Скопје било со заробен дух. „Скопјани повеќе не сакаат Скопје да е во застој. Да биде валкано, заробено од група корумпирани моќници, и со уништен дух. Скопје веќе четири години го предводат луѓе кои имаат натрупано огромно богатство во пари, викендички, хациенди и автомобили за кое немаат покритие. Луѓе кои среде Скопје градат хациенди без одобрение. Кои не трепнуваат кога низ Скопје изникнуваат бетонски чудовишта без контрола. Луѓе кои местат тендери во кои победуваат најскапите и најнеквалитетните понуди“, нагласи поранешниот министер за финансии Трајко Славески.