Трајановски најави формирање општинска медицинска помош во Аеродром

Општинска медицинска помош ќе биде еден од првите проекти кои ќе се реализираат веднаш по преземање на мандатот како градоначалник, истакна во гостување на Сител телевизија кандидатот за градоначалник на Аеродром од СДСМ, доктор Александар Трајановски.
– Предвидуваме прва општинска медицинска помош, поради тоа што брзата помош нема капацитет да ги опслужи сите граѓани. Низ Европа има парамедици, во нашиот закон сѐ уште нема, ќе работиме на тоа. Во овој момент може да вработиме во самата Општина медицинари, луѓе кои завршиле медицински факултет, да направиме тимови за луѓето кои имале операција и имаат потреба од помош, има луѓе кои не можат да дојдат до клиника, нема кој да ги однесе, ние не може да немаме емпатија кон луѓето кои давале цел живот.
Оваа служба ќе биде посветена токму на нив, да ги пренесе до клиника, до дома, да биде мини сервис за граѓаните кој ќе ја покрие цела Општина од 100.000 жители, замислете кој бенефит ќе биде за тие луѓе да имаат број на кој можат да се обратат во општината, објасни Трајановски.
Тој исто така најави дека Аеродром ќе биде транспарентна Општина чиј приоритет се младите.
„Мене младите отсекогаш ми биле фокус, тие се двигател на едно општество. Јас уште како директор на Клиника за ортопедски болести, спроведов акција да направиме бесплатен преглед на сите деца од прво до четврто одделение и увидовме дека кај 30% од децата има искривување. Зошто локалната самоуправа не ја спуштиме на ниво на школите, родителите не можат да постигнат сѐ, треба да се понуди финансиска помош за деца кои учествуваат на натпревари.
Голем дел од граѓаните не се информирани, треба транспарентна општина за граѓаните да знаат што правиме. Потребна е финансиска помош за почеток на сопствен бизнис. Во програмата имаме многу проекти кои ги засегаат младите, објасни Трајановски.
Според него, Општината ќе се фокусира на зголемување на безбедноста на најмладите, особено во училиштата.
„Јас во неколку наврати кажав дека безбедноста е една од главните точки. Голем дел од родителите се загрижени за своите деца, мора да има видео-надзор на школите, обезбедување на школите, да внесеме сигурност и во децата и во самите родители дека Општината се грижи“, истакна Трајановски.