Кандидатот за градоначалник на општина Аеродром,  Александар Трајановски, на денешната трибина ги презентираше своите планови за целосна трансформација на општината, од чиста и зелена средина, дигитализирано образование до воведување локален сервис за парамедицинска помош.
 
„Заслужуваме чиста и зелена општина во која достоинствено ќе живееме!“, порача Трајановски, најавувајќи реформа на комуналните служби со зголемување на плати, нова опрема и редовно миење улици.
„Аеродром мора темелно да се исчисти. Нема човек кој не се согласува со ова.“
 
Трајановски потенцирше дека „вечерва ставаме крај на едно крајно недомаќинско и неодговорно управување со Општина Аеродром“. Тој истакна дека ќе стави крај на „жолтите и неискосени тревници, ѓубрето на секој чекор и отровниот воздух што не труе и нас и нашите деца”.
 
Појаснувајќи дека Аеродром не смее да стане уште една скопска депонија, тој повика граѓаните да се борат за својот дом. „Аеродром е нашиот дом, и повторно ќе биде наша скопска гордост“, рече тој.
 
Трајановски најави изградба на две нови градинки во Мичурин и Ново Лисиче и проширување на постојните, со цел да се реши проблемот со листите за чекање.
 
„Нема да дозволиме нови висококатници во најгусто населените делови. Целосно ќе го запреме урбанистичкиот терор и бетонизацијата“, порача Трајановски, додавајќи дека наместо тоа, општината ќе добие повеќе зеленило, игралишта и СМАРТ осветлување.
 
Во сообраќајот најави воведување „зона 30“ на сервисните улици, нови паркиралишта и катни гаражи. Во образованието најави дигитализација и укинување собирање средства од родителите за основни потреби.Во здравството најголем новитет е воведување локален сервис за парамедицинска помош, што според него е потребно заради долгите чекања на брзата помош.